Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествуваше на годишната конференција „Реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Северна Македонија“, која се одржа во организација на Женевскиот центар за управување во безбедносниот сектор.
На првиот панел посветен на достигнувањата во безбедносно – разузнавачката област, идните предизвици и приоритети, Петровска истакна дека станува збор за реформа која никогаш не завршува затоа што станува збор за однос помеѓу заштита на човековите права и она што се интереси и развој на разузнавачкиот и безбедносниот сектор.
Процесот на реформа на безбедносниот и разузнавачкиот систем беше замислен како инклузивен процес вклучувајќи го и граѓанскиот сектор, рече министерката, и додаде дека законите се донесени, но за целосен успех мора да се затвори процесот, односно да профункционира Советот за граѓански надзор и да се ангажираат експерти кои дополнително на пратениците ќе им обезбедат знаење и вклученост на членовите на собраниската Комисија во спроведувањето на надзорот.
Достигнувањата во оваа сфера, дополни Петровска, се препознаени и од Европската Унија.
„Во неодамна објавениот извештајот од Европската комисија се признаваат напорите што се вложени изминатиов период, а тоа апсолутно не се напори само на една влада или одредени министри, туку се напори на целото општество", потенцираше Петровска.
Министерката се осврна и на надзорот во оваа област, особено во контекст на воената служба за безбедност и разузнавање и истакна дека согласно Концептот МКД 2030 промовиран во Министерството и согласно стратешките документи на НАТО алијансата, формиран е комитет кој има задача да отвори јавна дискусија за тоа како треба да биде регулирано ова прашање.
Министерката порача дека е подготвена да оди и чекор понапред и во однос на изборот на раководителот на оваа воена служба.
"Во министерството во рамките на постојните закони пропишани се правила, но ако сакаме да го постигнеме она што беше суштината на почетокот на оваа реформа, а тоа е намалување на политичкото влијание врз работата на овие служби, сметам дека и овој сегмент мора да биде опфатен", рече министерката и додаде дека решението ќе произлезе од дебатата, но намерата е да постојат повисоки критериуми кои ќе го ограничат дискреционото право или просторот за маневар на министерот, сега и во иднина.
Министерката упати покана и до Женевскиот центар за управување во безбедносниот сектор за активно учество во овие процеси.
На панелот со министерката Петровска учествуваа и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорите на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски и Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу и претседателот на Комисијата за надзор на АНБ и АР, Љупчо Пренџов, а конференцијата беше отворена од претседателот на Собранието Талат Џафери и амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир.