Премиерот Ковачевски денеска во Собранието на Република Северна Македонија ги нотираше приоритетните политики на Владата и притоа потенцираше дека оваа Влада со знаење и паметна политика единствено работи на заштита на државните и националните интереси. Но дека и истовремено ги осудува сите интерни и екстерни провокации за лични или туѓи интереси кои имаат за цел безбедносна, политичка и економска дестабилизација на државата.
„Ние го правиме тоа што нам ни доликува. Тоа се покажа дека е вистинскиот клуч, во едни од најтешките моменти од нашето постоење, за нашата врата, кон нашиот успех како држава и како народ.
Секојдневното справување со економската и енергетската криза, почетокот на преговорите со Европската Унија после 17-години чекање од добиениот кандидатски статус, со целосна заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, изградбата на едно општество за сите и мирот што го негуваме преку меѓуетничкото единство на домашен план - потврдуваат дека Владата е успешен и достоинствен претставник на народот, неговиот заштитник, чувар и водач напред.
Затоа, во една ваква Влада може да има место, само за оние кои имаат вистински пиетет кон минатото, но не се заробени во него, кои гледаат подалеку од денес и кои во одлуките што се носат ги земаат предвид најголемите и најважни придобивки на блиската иднина. Бидејќи, ако денешнината припаѓа на денешните генерации, иднината им припаѓа и на нашите деца и на идните генерации“, рече Ковачевски.
Меѓудругото премиерот потсети на заедничката обврска на сите општествени чинитиели притоа истакнувајќи:
„Како што минатото сме го наследиле, сегашноста е наша обврска за да иднината ја создадеме и предадеме на следните генерации. Тоа е нашата мисија, света обврска од која не отстапуваме. Повикани сме, минатото нè има задолжено, да создадеме напредна држава, отворена кон натамошен прогрес.
Пред нас е исклучително важен период во којшто треба да се умее да се работи: вредно – по европски терк; обединувачки – во европски дух и храбро – да се носат одлуки, а не да се калкулира со лични рејтинзи“, рече Ковачевски.