Османи на средби со лидерите на бугарските политички партии во Софија: Да се посветиме на создавањето стабилно и долгорочно пријателство

Во рамките на работната посета на Софија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари средби со лидерите на главните политички партии, претставени во Народното собрание на Република Бугарија: Бојко Борисов од ГЕРБ, Кирил Петков од Продолжуваме со промената, Мустафа Карадај од Движењето на правата и слободите, Корнелија Нинова од Бугарската социјалистичка партија, Христо Иванов од Демократска Бугарија и Стефан Јанев од Бугарски подем.

На средбите се разговараше за теми поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, обврските кои произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и за начините како да се адресираат отворените прашања кои ги засегаат двете соседни држави, во интерес на нашите граѓани и нивната европска иднина.

„Без разлика на предизвиците, Северна Македонија и Бугарија мора да продолжат да ги негуваат блиските односи и соработка во духот на европските вредности. Тоа го очекуваат и граѓаните на двете земји, но и нашите партнери и сојузници. Покрај нашето сојузништво во НАТО, нам нѐ очекува и партнерство во Европската Унија, но без разлика, ние сме пред сѐ добри соседи и нашата амбиција не треба да биде ништо помалку од стабилно и долгорочно пријателство“ посочи Османи.

Покрај билатералните односи на средбите се разговараше и за актуелните геополитички предизвици и сојузништвото во НАТО, справувањето со енергетската криза, но и можностите за продлабочување на позитивниот тренд во економската соработка.