Министерката Петровска во посета на касарната во Петровец, обиколка на целосно реконструираниот објект на Армијата и отворање на новата спомен - соба

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска ја посети касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец каде е сместена Првата пешадиска бригада која е и најголема единица на Армијата.

Во касарната во Петровец, министерката изврши обиколка на армискиот објект кој по четиримесечната реконструкција денеска претставува вистински репрезент за НАТО Армија во која стандардот на припадниците и нивните услови за работа се прв приоритет.

„Драго ми е што бројките и фактите кои ги претставуваме, а се однесуваат на подобрувањето на условите за работа на армиските припадници, денеска ги гледаме во реалноста. Времето во кое армиските објекти се оставени на забот на времето заврши и затоа решително и плански објектите кои и се потребни на Армијата ќе го имаат и ликот достоен за Армија и држава членка на НАТО“, рече министерката Петровска при обиколката.

Целосната реконструкција на објектот чинеше 21,7 милиони денари и опфати замена на електрична и водоводна инсталација, инсталација за греење, нова кровна конструкција, нови прозорци, реконструирани санитарни јазли, целосна замена на врати и подови, како и поставување на термичка фасада. Согласно Планот за повисоки еколошки стандарди во одбраната, наречен Еко-одбрана, објектот се реконструираше и со цел зголемување на неговата енергетска ефикасност. Според планот на Министерството, оваа година ќе започне реконструкција на најмалку пет дополнителни објекти од значење на одбраната и Армијата.

Во касарната во Петровец, министерката Петровска ја отвори и новата спомен соба посветена на Првата пешадиска бригада, која сведочи за долгата традиција на оваа единица, како наследник на 14. Македонско-младинска народноослободителна ударна бригада формирана во 1944 година и на Кичевско-мавровскиот партизански одред.

„Не постои доволно голема просторија која може да го собере сето она што е направено во нашата држава и од вас кои сега ја носите оваа униформа и тоа го правите со гордост, и од сите оние кои ги положија животите за државата. Темелите на оваа држава се многу значајни за сите нас и ме радува фактот дека после триесет години и сите стратешки цели кои ги постигнуваме и се развиваме, тие се битни за сите нас. Ваквите спомен соби се само уште еден поттик да создадеме еден голем Воен музеј, зашто македонската Армија има традиции од многу одамна“, рече министерката на отворањето на спомен собата.