Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска оствари средба со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар, која е во официјална посета на Република Северна Македонија.
Во состав на македонската делегација беа присутни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
Во фокусот на разговорите беше напредокот во однос на евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија, при што, премиерот Ковачевски изрази благодарност за огромната поддршка на Словенија како билатерален партнер на нашата држава во процесот на спроведување на реформите.
„Република Северна Македонија се наоѓа во пресвртен момент од историјата којшто бара да покажеме лидерство и обединување на сите политички актери во Парламентот“, рече премиерот Ковачевски на средбата, изразувајќи надеж дека и овој пат нашата држава ќе застане на вистинската страна од историјата со поддршка од нашите стратешки партнери и долгогодишни пријатели, меѓу кои и Словенија.
Премиерот Ковачевски, исто така го истакна фактот што Република Северна Македонија и Република Словенија се пријателски земји, без отворени прашања, а билатералните односи се базираат на традиционално долгогодишно пријателство.
Во таа насока, заеднички беше поздравено неодамнешното потпишување на заедничката Декларација за зајакнување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Словенија, за што беше потенцирано дека несомнено ќе придонесе кон понатамошно интензивирање на билатералната соработка.
Двете страни го потенцираа и големиот напредок на Северна Македонија на регионален план, каде што нашата држава е препознаена како кредибилен партнер на Европската Унија и НАТО во обезбедување на регионалниот мир и безбедност.
Словенечката претседателка, Пирц Мусар истакна дека Северна Македонија може да смета на цврстата поддршка на Словенија бидејќи местото на нашата земја и земјите од Западен Балкан е во големото европско семејство.