Средба Грковска- Шмид на Преспа форумот за дијалог: Поддршката на ОБСЕ е клучна за јакнење на анктикорупциските механизми

На маргините на годинешниот Преспа форум за дијалог, кој се одржува во Струга, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, одржа средба со Хелга Шмид, генерален секретар на ОБСЕ.

Вицепремиерката Грковска се заблагодари за континуираната соработка со ОБСЕ во унапредувањето на механизмите за владеење на правото и справувањето со корупцијата и организираниот криминал, а во насока на јакнење на безбедноста и стабилноста и почитувањето на човековите права во нашата земја. Грковска упати посебна благодарност за личната поддршка на г-ѓа Шмид за активностите на Кабинетот за политики за добро владеење и антикорупција.

Шмид истакна дека особено внимание треба да се посвети на родовиот аспект во борбата со корупцијата, со оглед дека жените се помалку вклучени во корупција, но во поголема мера ги чувствуваат последиците од коруптивните активности во општеството. Нагласувајќи дека корупцијата истовремено претставува и безбедносно прашање, што е особено важно во контекст на актуелните геополитички случувања, Шмид изрази подготвеност и отвореност да ги поддржи и понатамошните активности поврзани со овие теми, а кои Владата ги спроведува на иницијатива на вицепремиерката Грковска.