Заменик претседателот на Владата задолжен за политички систем Димовски со честитка по повод празникот Свети Климент Охридски

Светиклиментова честитка до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија од заменикот претседател на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски Ваше Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан,

Свети Климент Охридски, патронот на нашата Македонската православна црква-Охридска архиепископија, во помнењето на нашиот македонски народ е врежан како најсилната светла личност на нашата вера, најдаровитиот творец и мудар беседник, најпожртвуваниот пастир и неуморен проповедник и учител. 

Светиклиментовото цивилизациско дело со создавањето на кирилицата, како и неговата целокупна црковна, педагошка, книжевна и преведувачка дејност, претставуваат светол пример како се слави Бог и како се чува посебноста на својот народ. 

Повеќе од 11 века Светиклиментовото слово зрачи и чудотвори, описменува и облагородува. Неговите поучни и пофални слова, денес уште повеќе се непресушен извор од кој духовно се храниме сите ние и многу народи ширум светот,

Словото кое тој го посеа и му вдахна живот, ги лекува раните, тоа е утеха на осамените и љубов за духовно сиромашните, но и чувар на идентитетот и гордост на македонскиот народ. Силата на ова слово втемелена во неговиот лик и дело го претставува најцврстиот бедем на спасоносното дело на македонските светители, духовна азбука на разбирањето, која и денес продолжува да биде светла патека по која чекорат многу нови генерации на нашиот народ.

Во овие празнични мигови да ја упатиме големата македонска мисија кон доброто за сите народи, зацврствување на верата со големата потврда дека Македонија и понатаму е големиот духовен светилник со неизмерната сила и моќ што ни ја дарува овој голем Светец.

Упатувам искрени честитки до Вас и до членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, како и до сиот македонски народ со желба да останеме нераскинливи во големото Светиклиментово христијанско сродство.

Љупчо Димовски

Заменик претседател на Владата задолжен за политички систем