Мицкоски: Преполовени царините на САД за Македонија, продолжуваме да разговараме

Премиерот Христијан Мицкоски при посета на реконструираната Клиника за уво нос и грло при Универзитетскиот клиничкиот центар „Мајка Тереза“, на новинарско прашање за новите тарифи од САД кон Македонија од 15 проценти, изрази задоволство што е во групата на држави како Норвешка, Израел и ЕУ, но и најави продолжување на разговорите по кои очекува ново намалување.

„Од она што го видовте од соопштението на Кабинетот на претседателот Доналд Трамп, ова е прва фаза, ова не е договор, бидејќи тој кажа дека до 1 август ќе ги објави новите царински- односно не се царини, туку се трговски маржи, да ги наречам. Ние сме од 33% намалени на 15, преговорите продолжуваат, во моментов се наоѓаме на една условно кажано пауза. Веднаш после годишните одмори коишто ќе ги користат и администрацијата во кабинетот на претседателот Трамп и канцеларијата на трговскиот претставник на САД, но и нашите луѓе во министерствата и институциите и очекувам втора половина на август да продолжиме со преговорите. Очекувам уште да одиме подоле. Во соседството, од она што беше објавено, ја има Србија со 35%, БиХ со 30%, Швајцарија со 39% и ние како Македонија сме во иста група со Израел, Норвешка, ЕУ, и јас сакам во оваа прва фаза да се заблагодарам на САД што ја корегираа тарифата од 33% на 15%, ние продолжуваме понатаму да преговараме и оптимист сум дека ќе одиме уште подоле“, додаде премиерот Христијан Мицкоски во одговорот на новинарско прашање при посетата на реконструираната Клиника за уво, нос и грло.