Упатство за начинот за аплицирање за економски оператори за реализација на вредносни ваучери за електронски уреди

Врз основа на член 5 став (1) од Законот за издавање на вредносни ваучери („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/25) и член 36 став (4) од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 1 август 2025 година, донесе

УПАТСТВО
за начинот за аплицирање за економски оператори за реализација на вредносни ваучери за електронски уреди

Член 1

Со ова упатство се уредува начинот за аплицирање за економски оператори за реализација на вредносни ваучери за електронски уреди.

Член 2

(1) Економски оператор во смисла на ова упатство е правно лице регистрирано во Република Северна Македонија, кое продава електронски уреди и е запишан во Листата на економски оператори за реализација на ваучерите за набавка на електронски уреди (во понатамошниот текст: Листата на економски оператори).
(2)    Електронски уреди во смисла на ова упатство, се:
- персонален компјутер: склопен, односно рачно составен од следните минимум компоненти CPU, RAM, диск, матична плоча, напојување и вградена графичка карта, бренд – фабрички составен или сертифициран компјутер од производител или All-in-One – компјутер со сите компоненти вградени во екранот;
- таблет компјутер е пренослив уред со екран на допир, кој овозможува користење на апликации, интернет и медиумски содржини, без физичка тастатура, или 
- лаптоп – пренослив компјутер е преносен персонален компјутер со вграден екран, тастатура и батерија, наменет за мобилна употреба.

Член 3

(1) Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, во рок од 10 дена од денот на влегувањето во сила на Законот за издавање на вредносни ваучери, објавува јавен повик на Националниот портал за електронски услуги на веб страницата на Владата на Република Северна Македонија, за изразување интерес за запишување во Листата на економски оператори за реализација на ваучерите за набавка на електронски уреди.
(2)    Јавниот повик содржи:
– рок и начин за пријавување,
– критериуми за аплицирање,
– список на документи,
– упатство за користење на Националниот портал за електронски услуги и
– контакт за поддршка.

Член 4

(1) Економските оператори поднесуваат барање за запишување во Листата на економски оператори, во рок од 10 дена од денот на објавувањето на повикот на Националниот портал за електронски услуги.
(2) Барањето за упис во Листата на економски оператори се поднесува електронски преку Националниот портал за електронски услуги од страна на овластено лице во правното лице преку својот кориснички профил.

Член 5

Барањето од членот 4 од ова упатство, ги содржи следниве податоци:
– назив на правното лице (давател на услугата),
– име и презиме на застапникот по закон,
– адреса, општина и телефонски број и електронска адреса на правното лице,
– ЕДБ, ЕМБС и
-    сметка на правното лице на која ќе се исплаќаат средствата за искористените ваучери.

Член 6

(1) Давателот на услугата за да биде запишан во Листата на економски оператори, треба:
-    да е регистриран за вршење на дејност: трговија на мало со електрични апарати за домаќинство или трговија на мало со информатичка и комуникациска опрема и
-    да имаат најмалку две специјализирани продавници за трговија на мало на целата територија на Република Северна Македонија.
(2) Податоците од ставот (1) на овој член, се докажуваат со доставување на:
-    ДРД образец издаден од Централниот регистар на Република Северна Македонија и
-    извод од Тековна состојба издаден од Централниот регистар на Република Северна Македонија. 

Член 7

(1) Во рок од седум дена по истекот на рокот за пријавување од страна на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, се врши проверка на комплетноста на документацијата поднесена од економските оператори и се врши упис на правните лица во Листата на економски оператори.
(2) За извршениот упис во Листата на економски оператори, се доставува известување преку Националниот портал за електронски услуги во форма на електронски документ на корисничкиот профил на овластеното лице во правното лице подносител на барањето од член 4 ставот (2) од ова упатство.
(3) Листата на економски оператори се објавува на веб страницата на Владата на Република Северна Македонија, во рок од седум дена од денот на извршениот упис на правните лица во Листата на економски оператори.
(4) Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија поднесува Извештај до Владата на Република Северна Македонија, во рок од седум дена од денот на објавувањето на Листата на економски оператори. 

Член 8

(1) По доставеното известување од член 7 ставот (2) од ова упатство, помеѓу Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија од една страна и економскиот оператор од друга страна се склучува Договор за реализација на ваучери.
(2) Со Договорот од ставот (1) на овој член, се уредуваат: меѓусебните права и обврски, начин на прифаќање ваучери за електронски уреди, техничка интеграција со Националниот портал за електронски услуги, начин и рок на исплата.

Член 9

(1) Економскиот оператор преку Националниот портал за електронски услуги добива ПИН за поништување на ваучерот за набавка на електронскиот уред како искористен.
(2) Во моментот на валидација и искористување на ваучерот за електронски уреди, операторот е должен да го внесе бројот на фискална сметка и ПИН-от од ставот (1) на овој член.
(3) Во рок од пет работни дена од денот на искористување на ваучерот за набавка на електронски уреди, економскиот оператор на Националниот портал за електронски услуги за секој искористен ваучер за електронски уреди поединечно прикачува:
-    копија од гарантниот лист,
-    број на фискална сметка,
-    изјава потпишана од корисникот за искористен ваучер за купување на електронски уред
(4) Изјавата од ставот (3) алинеја 3 на овој член е дадена во Прилог бр.1, и е составен дел на ова упатство.

Член 10

Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија врши исплата врз основа на:
- извештај генериран од Националниот портал за електронски услуги за поништен ваучер за електронски уреди,
- фискална сметка,
- копија од гарантен лист и
- изјава потпишана од корисникот за искористен ваучер.

Член 11

Ова упатство влегува во сила со денот на неговото донесување, а ќе се објави на веб-страницата на Владата на Република Северна Македонија.