Груевски: Усвоен Предлог-акцискиот план за евроинтеграции за 2013

Владата на Република Македонија го усвои Предлог-акцискиот план за евроинтеграции за 2013, изјави денеска премиерот Никола Груевски по официјалното отворање на втората делница од реконструираната улица „Козле“ во општина Карпош.

Предлог-акцискиот план за евроинтеграции за 2013, како што додаде, е усогласен со препораките кои се во Извештајот на Европската комисија за 2012.

- Пред околу една недела на седница на Влада ги разгледавме сите точки, а претходно помина и низ сите институции и комисии и по една опсежна и длабинска дискусија го донесовме новиот патоказ кој е усогласен со препораките кои ги имаме во Извештајот за 2012. Потоа го доставивме до Парламентот кој ќе расправа за него, па потоа ќе треба да биде разгледан и во Брисел, рече Груевски.

Откако ќе се врати од Парламентот и од Брисел, додаде, планот ќе биде конечно усвоен. - Се надевам во текот на овој месец и потоа ќе се фокусираме на сите обврски кои се дел од новиот патоказ. Тука, се разбира, влегуваат и некои постари кои беа датирани за декември и јануари во претходниот патоказ, додаде тој.

Говорејќи за реформите, Груевски посочи дека остануваат на цврстата заложба не само заради тоа што тие се важни и значајни за натамошното зачленување во ЕУ, за нашиот евроатлантски пат, туку и заради тоа што со нив всушност се подобрува секојдневното живеење и решавање на многу проблеми со кои се соочуваме. - Тоа се класични позитивни реформи, додаде премиерот.