Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната прес конференција во Владата ги презентираше наодите од инспекциски надзори од повеќе инспекциски служби во надлежност на Советот, кои интензивно се спроведуваат на терен, со цел да гарантираат целосно почитување на мерките на Владата за заштита од КОВИД-19.
Претседателката на Инспекцискиот совет соопшти дека во периодот од 16-18 март. Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил вкупно 79 надзори.
„Констатирано е дека јавните превозници кај кои беше извршена контрола одржуваат високо ниво на хигиена, согласно обврската која им беше доделена. Во однос на контрола при влез на патници на скопскиот аеродром и граничните премини кои се уште се отворени, констатирано е дека сите патници пополнуваат писмена изјава со која под полна морална, материјална и кривична одговорност се обврзуваат да останат во самоизолација, а за истото им се издава и писмена наредба“, кажа Филиповска-Грашкоска.
Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) во истиот период изврши вкупно 17 вонредни инспекциски контроли, при што е констатирано дека сите зголемени цени кај аптеките се должат на зголемената набавна цена на производите. Согласно ова, МАЛМЕД дава препорака да Владата на РСМ утврди максимална цена за маски, ракавици и средства за дезинфекција, која не смее да се надмине во прометот на големо и прометот на мало.
„Државниот пазарен инспекторат има извршено вкупно 8.200 надзори во изминатите 3дена и продолжува со истата динамика, според која посетува околу 3.000 објекти секој ден. Констатирано е дека нема покачување на цените на производите во маркетите, а најголем дел од правните субјекти ги почитуваат мерките на Владата на РСМ во однос на забраната или начинот и времето на работење. Од страна на инспекциските служби се затворени 6 угостителски објекти во Скопје, 3 во Тетово, по 2 во Битола и Гостивар и еден во Куманово. Ова се објекти кои беа отворени за гости и покрај мерките на Владата“, посочи Претседателката на Инспекцискиот совет.
Филиповска-Грашкоска информираше дека државниот инспекторат за транспорт констатира дека меѓуопштинскиот сообраќај се одвива со намален интензитет од 68-80% и се уште се редуцира од страна на превозниците, а меѓународниот линиски превоз на патници е во целосен прекин.
Во однос на правата од работниот однос, Државниот инспекторат за труд реализираше вкупно 573 контроли во претходните три дена, при што се донесени 5 решенија и 26 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата.
„Инспекциските служби продолжуваат интензивно со сите свои капацитети да работат на терен. Уште еднаш порачуваме дека секој кој нема да се придржува до мерките на Владата ќе биде санкциониран, без исклучок. Овие мерки се донесени во интерес на здравјето на граѓаните и на јавното здравје и мора да се почитуваат“, нагласи претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.
На прес конференцијата присуствуваа и директорите на државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, на државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова, на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Висаре Риза, на Државниот инспекторат за труд, Аљадин Хавзиу, на државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини и на Агенција за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.