МНР Димитров: Задолжителен карантин на сите граѓани кои што се враќаат во земјата, МНР ќе организира хуманитарни летови, нов апел за пријавување на оние кои што не го сториле тоа

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денес во Владата на Република Северна Македонија одржа прес-конференција на која информираше за целокупната состојба поврзана со проблемите со кои се соочуваат македонските граѓани затекнати во други држави и мерките и плановите коишто Министерството за надворешни работи и Владата на Република Северна Македонија ги преземаат со цел надминување на овие предизвици.

МНР Димитров: „Како што знаете пред неколку дена МНР упати еден јавен повик, апел до нашите граѓани до нашите државјани коишто се затечени меѓу граници, на аеродроми коишто се затвораат или се откажуваат летови и на коишто им треба помош, поддршка од државата за да си дојдат дома. Направивме еден пресек, бројката варира, дел од луѓето успеваат можеби во меѓувреме се зголемува исто така евиденцијата. Значи зборуваме за бројка од некаде околу 2300 македонски граѓани низ целиот свет. Основната концентрација е на нашиот континент во европските држави.“

Во однос на задолжителниот карантин, МНР Димитров потенцираше:

„Вчера на вечерната владина седница разговаравме за ова прашање и Владата донесе одлуки и заклучоци. Нè задолжи нас како МНР, во соработка со министерството за транспорт и врски да организираме хуманитарни летови за да си ги донесеме граѓаните дома. 

Истовремено се формираше едно тело коешто ќе организира задолжителен државен карантин и ќе го зголеми капацитетот на задолжителниот државен карантин. 

Штo значи ова? Врз основа на законските прописи за јавното здравје и борба против заразни болести, Владата одлучи сите граѓани што ќе дојдат во поголеми групи со хуманитарните летови ќе бидат во задолжителен државен карантин во траење од минимум 15 дена, за да истовремено покрај државниот интерес да им се помогне на овие граѓани да си дојдат дома, да се заштити и другиот државен интерес и здравјето на народот, на населението што си е веќе во татковината. Тоа е суштината на овие одлуки.“

Истовремено, министерот Димитров упати уште еден апел до нашите граѓани на кои им треба помош за нивно враќање во земјата:

„Јас ги повикувам сите граѓани коишто се немаат пријавено на емаил адресите и телефоните на ДКП на Северна Македонија во земјите каде што се наоѓаат или доколку таму немаме претставништво, тогаш во најблиското во соседната земја или во земјата од регионот. Тоа да го направат до утре недела (22 март) до 18 часот. 

Ние мора да имаме прецизна евиденција, податоци за веднаш да почнеме да ги организираме овие хуманитарни летови. Нашиот фокус ќе бидат земјите со поголема концентрација на граѓани што им треба помош и поддршка.“

МНР Димитров упати и благодарност до Кризниот тим во Министерството за надворешни работи, за нивната посветеност и професионалност во надминувањето на тешките ситуации со цел помош на граѓаните:

„Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на Кризниот тим во МНР којшто работи во две смени и на сите тие луѓе сакам да им кажам благодарам за напорите што ги прават да се помогне во оваа неверојатно тешка состојба.“

 


Почитувани македонски граѓани,

Почитувана јавност,

Како што знаете пред неколку дена МНР упати еден јавен повик, апел до нашите граѓани до нашите државјани коишто се затечени меѓу граници, на аеродроми коишто се затвораат или се откажуваат летови и на коишто им треба помош, поддршка од државата за да си дојдат дома. 

Направивме еден пресек, бројката варира, дел од луѓето успеваат можеби во меѓувреме се зголемува исто така евиденцијата. Значи зборуваме за бројка од некаде околу 2300 македонски граѓани низ целиот свет. 

Основната концентрација е на нашиот континент во европските држави. 

Вчера на вечерната владина седница разговаравме за ова прашање и Владата донесе одлуки и заклучоци. Не задолжи нас како МНР, во соработка со министерството за транспорт и врски да организираме хуманитарни летови за да си ги донесеме граѓаните дома. 

Истовремено се формираше едно тело коешто ќе организира задолжителен државен карантин и ќе го зголеми капацитетот на задолжителниот државен карантин. 

Шти значи ова? Врз основа на законските прописи за јавното здравје и борба против заразни болести, Владата одлучи сите граѓани што ќе дојдат во поголеми групи со хуманитарните летови ќе бидат во задолжителен државен карантин во траење од минимум 15 дена, за да, истовремено покрај државниот интерес да им се помогне на овие граѓани да си дојдат дома, за да се заштити и другиот државен интерес и здравјето на народот, на населението што си е веќе во татковината. Тоа е суштината на овие одлуки. 

Јас ги повикувам сите граѓани коишто се немаат пријавено на емаил адресите и телефоните на ДКП на Северна Македонија во земјите каде што се наоѓаат или доколку таму немаме претставништво, тогаш во најблиското во соседната земја или во земјата од регионот. Тоа да го направат до утре недела (22 март) до 18 часот. 

Ние мора да имаме прецизна евиденција, податоци за веднаш да почнеме да ги организираме овие хуманитарни летови. Нашиот фокус ќе бидат земјите со поголема концентрација на граѓани што им треба помош и поддршка. 

Сакам да ја информирам исто така јавноста дека вчера во договор со пријателска Црна Гора имавме еден обид да донесеме една група наши граѓани коишто беа во Истанбул и да ги качиме на хуманитарниот лет организиран од Владата на Црна Гора. Штом ги информиравме сите поединечно преку ГК во Истанбул, штом ги информиравме граѓаните дека ќе бидат во задолжителен карантин ниту еден не сакаше да ја искористи оваа можност. Така што ако ова е индиција, некаква илустрација, можно е оваа бројка и да опаѓа и затоа велам дека бројките ќе варираат. 

Исто така во следниве денови ќе организираме еден хуманитарен конвој од Црна Гора кон Северна Македонија. Таму имаме некаде околу 70-тина македонски граѓани и овие луѓе ќе бидат во задолжителен карантин организиран од страна на државата. Бидејќи луѓето немаат избор, државата за да го штити здравјето на населението ги упатува на ваков карантин. 

Трошоците за престојот, храна и т.н. ќе бидат на товар на државата. 

Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на Кризниот тим во МНР којшто работи во две смени и на сите тие луѓе сакам да им кажам благодарам за напорите што ги прават да се помогне во оваа неверојатно тешка состојба. 

Ние практично за 7 дена, светот, а посебно нашиот континент се врати назад веројатно за седум децении во смисла на организираност, врски, проток на граници итн. 

И последно бидејќи многу прашања добиваме за престојот. Како што знаеме во регулативата на Шенген ние имаме безвизен режим 90 дена е рокот за престој во земјите што се дел од Шенген просторот. Упативме барање до сите земји со оглед на објективната неможност луѓето да го испочитуваат овој рок од 90 дена да немаат правни последици од пречекорувањето. Мислам дека таа работа ќе ја завршиме, дел од земјите веќе носат соодветни одлуки и истовремено работиме во делот на регулативата што ја донесе ЕУ, којашто се затвори за луѓе што не се државјани на земјите членки на ЕУ. 

Тука исклучок е за луѓе во транзит којшто поминуваат низ ЕУ земји на пат кон дома. Има проблеми во имплементацијата на оваа одлука и ќе направиме се’ што можеме во директна комуникација со сите држави земји членки да се почитува оваа регулатива, бидејќи ние како и целиот наш Регион географски, е опкружен со ЕУ земји членки. 

Ви благодарам


Новинарски прашања:

Колку граѓани се обратиле до МНР по затворање на аеродромите и каква помош побарале? Каде ќе бидат сместени? Има ли наши граѓани позитивни на вирусот во некоја странска држава? 

 

МНР Димитров:

Првите две беа покриени во излагањето. Бројката е околу 2300 македонски државјани меѓутоа таа варира, кажав од кои причини. Многу е важно сите да бидат свесни дека заради заштита на здравјето дома ќе бидат во задолжителен државен карантин минимум 15 денови, трошоците за тој карантин ќе бидат на товар на Република Северна Македонија на државата.

Ние немаме податоци овие луѓе каква здравствена состојба имаат. Значи тие се пријавуваат по телефон, по емаил, главно барањето е како да си дојдеме дома. Некогаш успеваме во смисла на убедување со земјата каде слетуваат ако тоа е некоја од нашите соседи, некогаш не успеваме меѓутоа главното барање е тоа. 

Клучна порака за до утре, недела, 18 часот сите коишто се немаат пријавено ги повикувам да се пријават бидејќи ова нема да биде процес којшто ќе се одвива континуирано. Се работи за големи трошоци, се работи за голема организација, нема да може државата редовно да врши организација на вакви хуманитарни летови. Мора сега да помогнеме, во овој момент. 

Истовремено, бидејќи очигледно е многу тешко да се дојде дома, повторно ќе кажам дека не е време за патување во странство. 

 

Дали наши граѓани од Истанбул одбиле да се вратат поради задолжителниот државен карантин?

 

МНР Димитров:

Да. Ниту еден од граѓаните коишто беа пријавени во ГК во Истанбул, со интерес да организираме пат кон дома, ние тоа го направивме во соработка со Подгорица. Јас имав неколку телефонски разговори со мојот колега Срѓан Дармановиќ. Меѓутоа по повикот од Генералниот конзулат сите овие граѓани не се нафатија да се качат на тој црногорски хуманитарен лет.

 

Има ли разговори за помош на Македонија? Медицинска, персонал од сојузниците во НАТО и земјите-членки од ЕУ?

 

МНР Димитров:

Упативме писмо пред 2-3 дена до еврокомесарот Вархеји, вчера си разменивме неколку пораки во вечерните часови. Исто и со Кристијан Даниелсон од тој генерален директорат на некој начин. Разговараме со многу земји-членки. Вчера амбасадорот Самуел Жбогар имаше средба со претседателот на Владата, со Оливер Спасовски. Бараме пренасочување од ИПА фондовите да ги користиме како средства во борба против COVID-19, против коронавирусот. За годинава беше најавено, добивме 50 милиони евра награда за реформските постигнувања, има едни 8 милиони евра од минатата година и правиме напори овие средства да можеме да ги користиме за оваа кризна ситуација. Истовремено праќаме спецификации на медицинска опрема и материјал што ни се неопходни до сите пријатели и ЕУ земји-членки и НАТО сојузници. 

 

Дали е организиран карантинот? Каде? Касарни, хотели?

 

МНР Димитров:

Вчера владата формираше едно работно тело кадешто е вклучен генералниот секретар на Владата и неколку министерства со свои членови. Ние ќе направиме се што може условите да бидат добри и да се грижиме за здравјето на тие што ќе ни се враќаат. Во таа смисла така ќе биде организирано доставувањето на храна, дезинфекцијата, чистењето. Луѓето во државниот карантин ќе бидат еден до двајца во соба меѓутоа рано е да се каже и не сум сигурен колку е корисно сега тоа да се каже каде точно ќе бидат. Имаме и државни објекти, има и хотели во приватна сопственост коишто се понудени на државата за вакви ситуации. Битно е на крупно гледано да го подигнеме капацитетот за државен карантин, да направиме се што можеме условите да бидат добри за здравјето на тие луѓе за да го заштитиме здравјето на целото население. 

 

Вчера ЕУ одобри за Србија 7 милиони евра, каде е Македонија? Дали ние како влада доцниме во барањата и дипломатските напори или ЕУ можеби има нееднакви стандарди. 

 

МНР Димитров:

Ќе има помош за целиот регион. За Србија се работи за еден договор што тамошната делегација го имала со UNDP  и средствата се пренасочени за борба против коронавирусот и воопшто за кризната ситуација. Ние сме во постојана комуникација и сме во постојано барање. Јас вчера меѓу другото и во тој контекст имав разговор со Комесарот и со други претставници на Комисијата и воопшто на ЕУ. Целиот регион се разбира дека ќе биде вклучен бидејќи ние и географски сме во рамките на Европската Унија. 

 

Дали конечно се размислува за полициски час?

 

МНР Димитров:

Ние вчера ги инструиравме МВР и Армијата во координација да направат координативни планови во смисла на ограничување на движењето со цел да се спречи ширењето на вирусот. Според некои информации од Италија, по воведувањето на вакви мерки, ширењето драстично паднало во бројки од 46% на 23%. Во таа смислам денес во попладневните часови ќе имаме седница на владата, ќе имаме образложение од Комисијата против заразни болести и ќе имаме и претставници на врвните епидемиолози коишто ќе не информираат од стручен аспект што тоа ќе значи и како тоа е најдобро да се организира. Да не прејудицирам одлуки на седница која што сеуште не е започната меѓутоа еве ги чекорите.