Министерот Филипче: Девет пациенти излекувани и пуштени на домашно лекување - со вклучувањето на приватните лаборатории капацитетот на тестирање значајно ќе се зголеми

Министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче на денешната редовна прес-конференција информираше дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се излекувани и пуштени на домашно лекување девет пациенти - осум од Дебар и еден пациент од Скопје. Тој додаде дека сите се во добра здравствена состојба и дека во наредниот период се очекува закрепнување и целосно излекување и на други пациенти, кои по системот на двојно тестирање со негативни резултати ќе бидат упатени на домашно лекување.

Министерот Филипче информираше и дека денеска има уште еден смртен случај. Тоа е 79 годишен пациент од Дебар, кој е дијагностициран на 23 март, а бил хоспитализиран на 25 март и е пациент кој имал коморбодитети.

„Денеска се потврдени 26 нови случаи на пациенти дијагностицирани со КОВИД-19 вирусот. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја сега изнесува 285 лица“, извести министерот Филипче.

Информирајќи за изминатото деноноќие, министерот Филипче рече дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се примени осум нови пациенти. Вкупната бројка на хоспитализирани на Клиниката изнесува 47. На механичка вентилација се поставени тројца пациенти, на 50, 63 и 67 годишна возраст. На кислородна поддршка се поставени дополнителни девет пациенти. Во сите други градови добра и стабилна е состојбата на пациентите, со сосема лесна клиничка форма согласно известувањето од болниците.

Филипче информираше и за починатата пациентка од општата болница во Струга, која била донесена заради потешкотии во дишењето имала претходно хронична респираторна болест и бил направен обид за реанимација, но за жал пациентката починала.

„Таа не е дијагностицирана со КОВИД-19 вирусот, но, со оглед на сличноста на клиничката слика на оваа болест - посмртно е земен брис и се чекаат резултатите. Кога ќе бидат готови резултатите јавноста ќе биде навремено информирана. Денеска завршува инспекцијата од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во врска со третманот на пациентката од околината на Струга. Заврши увидот на лице место, меѓутоа се анализираат практично сите информации со оглед на тоа што се анализираат документи од матичниот лекар, од болницата, интервјуата со докторите. Нашите сознанија се засега дека има одредени пропусти во целокупниот процес, но ќе почекаме сето тоа да се финализира за да донесеме официјален став после заклучокот на работата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат“, изјави министерот Филипче, кој повторно ја објасни процедурата на третманот на пациентите.

„Сите матични лекари ги имаат добиено податоците за нивните пациенти кои се дијагностицирани со коронавирусот - односно се наоѓаат на домашно лекување согласно протоколот усвоен на стручниот колегиум на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Матичниот лекар има обврска да го контактира пациентот два пати во денот и да го известува системот „Мој Термин“, кој потоа електронскиот извештај го праќа во Министерството за здравство и на Инфективната клиника.

Со оглед на големиот број на граѓани кај коишто е индицирано тестирање согласно алгоритмот кај матичните лекари, од денеска работи уште еден пункт во Скопје, а тоа е во Поликлиниката Чаир.  Од среда ќе работи и пунктот во „Млин Балкан“, со што капацитетот на тестирање во Скопје практично се дуплира, а истото почнува во текот на следните денови и во сите други градови. Освен пунктовите за земање на брисеви во Центрите за јавно здравје согласно големината на градот, ќе има уште еден или два пункта во рамките на здравствениот дом каде што стручни лица, здравствени работници ќе ги земаат материјалите и ќе ги испраќаат на тестирање во лабораторијата во Институтот за јавно здравје“, рече министерот за здравство.

На прес-конференцијата, тој информираше дека е завршена анализата и посетата на стручната комисија на приватните лаборатории. Со нивното вклучување, согласно договорите што ќе се направат со Фондот за здравствено осигурување, капацитетот значајно ќе се зголеми. 

 

„Имаме на располагање сосем доволен број на тестови. 20.000 теста како донација веќе се на пат кон нашата земја, освен тестовите со кои што сега во овој момент располагаме и 5000 тестови донација од една приватна наша лабораторија која што ќе се вклучи во системот на изработка на анализите на брисевите земени од пунктовите ширум државата", - истакна министерот Филипче.

„Во Институтот за физикална медицина и рехабилитација се тестирани 46 вработени и шест пациенти. Примероци се земени на 26, 27 и 28 март. Позитивни се осум медицински лица и двајца пациенти. Во текот на денешниот ден тестирани се уште 16 пациенти, кои во моментов се уште се хоспитализирани во Заводот. Имајќи ги предвид резултатите, обемот, спецификата на работата Заводот во Козле нема да работи во следниот период. Сите пациенти на кои ќе им биде потребна ваква форма на терапија ќе се упатат во болницата „8 Септември“ каде што има Одделение за физикална рехабилитација во форма на амбулантски третман или хоспитализација доколку е тоа се индицира. Има многу близок контакт на здравствените работници кога третираат пациенти за рехабилитација со оглед на тоа што процесот на вертикализација практично бара многу близок физички контакт со пациентите“, информираше министерот Филипче.

Од денеска се организира работата на Клиниката за кожни болести, а во следните денови ќе биде соопштен и начинот на работа согласно термините коишто ќе бидат ослободени преку системот „Мој Термин“.

Министерот Филипче истакна дека се вложуваат напори за навремено, транспарентно, отворено, точно јавноста да биде известена. Меѓутоа, со оглед на тоа што работата секојдневно се зголемува со зголемувањето на капацитетот на тестирање, тој изјави дека статистиката на денот, за бројот на новозаболени ќе се доставува секој ден до 15:00 часот.

Во продолжение проследете ја денешната статистика:

Детален преглед - статистика на денот и состојба по градови:

Денеска се потврдени 26 пациенти позитивни на Ковид-19.

По градови: Дебар - 1, Скопје - 19, Куманово - 3, Прилеп - 1, Тетово - 1, Крива Паланка – 1. 

Со ова вкупна бројка на дијагностицирани во земјата е 285, а состојбата по градови е следна:

Дебар 47; Скопје 164; Штип 14; Гостивар 1; Охрид 3; Кавадарци 2; Куманово 24; Прилеп 9; Велес 6; Тетово 6; Струга 5; Битола 1; Струмица 1; Гевгелијa 1, и Крива Паланка 1.