Филипче и Сотирова-Бухова: Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести утре со предлог до Владата, санкционирањето за неносење заштитна опрема да почне веднаш; Извршени се два вонредни инспекциски надзори во Куманово

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) д-р Иринка Сотирова-Бухова, на денешната заедничка прес-конференција информираа за најновите информации во врска со состојбата на пациентите со коронавирусот КОВИД - 19, како и за состојбата со јавно здравствените институции во однос на справувањето со вирусот во нашата земја.

 

„Денеска се регистрирани рекордни 126 оздравени пациенти, во Скопје  22, Штип - еден, Струга - 19, Охрид - еден, Велес - шест, Гевгелија -три, Кавадарци – еден, Крива Паланка - еден и Куманово - 72.  Ова е највисоката бројка, којашто досега сме ја имале и верувам дека овој тренд ќе продолжи и понатаму. Со оваа бројка денеска стигнуваме до 500 излекувани - односно оздравени пациенти. Најголемиот број од овие пациенти се на домашно лекување, еден помал дел се пациенти коишто се лечат во болнички услови. Сакам да им заблагодарам практично на сите и на матичните лекари, кои многу успешно се вклучени во овој систем на третман на пациентите и со тоа се покажа дека овој дел којшто го имплементиравме навистина дава резултати. Врз основа на тој модел само десет проценти се хоспитализирани, не се оптоварува здравствениот систем, не се преоптоварени здравствените работници и ова е еден модел, којшто од почетокот го анализиравме, го имплементираше Германија и сметавме дека е сосем солиден модел и го имплементиравме во нашата земја“, потенцираше министерот Филипче.

Тој посочи дека се регистрирани, двајца починати пациенти,  во болницата „8 - ми Септември“, пациентка од Липково на 49 години примена на 3-ти април со потешкотии во дишењето, веднаш поставена на респираторна машина и 73 - годишен пациент од Скопје, примен на 19-ти април во тешка здравствена состојба.

„Во изминативе 24 часа направени се 335 тестирања, потврдени 19 нови случаи: во Скопје три, Куманово осум, Прилеп два, Струга два, Велес два, Гостивар еден, Виница еден пациент. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани во нашата земја изнесува 1.386, односно во моментов активни 825 случаи, а вкупно направени тестови се 15.120. На Инфективната клиника, примени се тројца нови пациенти, една родилка од Скопје, двајца пациенти од Куманово, од кој едниот е со потешка клиничка слика. Вкупно хоспитализирани во овој момент се 62 од кои пет се наоѓаат на механичка вентилација, дополнителни 25 други со потешка клиничка слика, се на кислородна маска. Во болницата „8 - ми Септември“,  шест пациенти се примени во изминативе 24 часа, од нив еден во тешка состојба веднаш поставен на респираторна машина, вкупно седум се на респиратор, а со потешка клиничка слика дополнителни пет пациенти“, изјави министерот Филипче.

Тој, додаде дека во болницата во Битола се лекуваат седум пациенти, на домашно лекување се следат околу десет, а во болницата во Штип двајца пациенти се хоспитализирани, додека на другите инфективни одделенија, вкупно суспектни и позитивни се 51 и тоа се пациенти во Велес, Прилеп и Куманово.

Министерот Филипче информираше дека Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, утре ќе достават предлог до Владата, санкционирањето за неносење заштитна опрема да почне веќе веднаш, односно утре или најдоцна во вторник.

„Сакам повторно да апелирам дека оваа мерка мора да се почитува и дека заштитната опрема се носи така како што е пропишано, на затворено и на отворено кога нема и не може да се држи физичка дистанца од два метра. Секако дека има граѓани кои оваа мерка ја почитуваат и сакам да се заблагодарам на сите тие коишто ја почитуваат, свесни дека ова е едно од клучните механизми за борба против вирусот. Досега сите мерки дадоа резултат. Јас сум уверен дека оваа мерка, како и сите претходни за кои има оправданост, ако доследно ја почитуваме ќе се заштитиме и себеси и нашите семејства, ќе превенираме раст на број на заболени, кој веќе два месеци е еден процес, којшто одлично го држиме под контрола“, истакна министерот Филипче.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) д-р Иринка Сотирова-Бухова, на денешната прес-конференција се произнесе по наодите на ДСЗИ во однос на двата вонредни инспекциски надзори во Куманово.

„Првиот надзор е извршен на 17.04. и тоа во ЈЗУ Центар за јавно здравје – Куманово,  цел на овој надзор е утврдување на фактичката состојба во однос на работата на предметната установа, отстапување во однос на протоколите и алгоритмите во однос на следење на случаи потврдени со КОВИД – 19, при што е констатирано следното: Првото тестирање е извршено на 26.03.2020 година на лица од Кризниот штаб во општина Куманово, тестирани се 28 лица за кои се добиени 28 негативни резултати. Второто тестирање е на 12.04 при што земени се 38 бриса и како што на сите ни е познато добиени се пет позитивни резултати и издадени решенија за 37 контакти“, истакна директорката Сотирова-Бухова.

Таа продолжи, дека се констатирани недостатоци во овој надзор и тоа:  и првото и второто тестирање се спроведени без редовна и задолжителна епидемиолошка анкета од страна на епидемиолог од Центарот за јавно здравје, посочувајќи дека и на првото тестирање на 28.03 и на второто, на 12.04 сите тестирања се заведени како скрининг и постои изјаснување на епидемиологот кој го вршел ова тестирање.

„Имаме изјава дека по нејзин налог, нејзини согледувања, спровела скрининг од причини кои таа ги наведува во изјавата. Ова е прекршок, директно по член 27 од Закон за заштита на населението од заразни болести, што значи дека е констатиран еден прекршок досега. Второто што е констатирано, е дека брисевите се земени во просториите на Општина Куманово, што е сосема спротивно од протоколите. Брисеви на лица сомнителни со индикација, епидемиолошка анкета или со појава на симптоми исклучиво се земаат во простории на овластениот Центар за јавно здравје. Значи овде имаме констатирано веќе два прекршока. Брисевите се земени како скрининг, без епидемиолошка анкета, како што наведов, спротивни на член 27 од Закон за заштита на населението од заразни болести кој вика дека скрининг не може да се изведе без дозвола на министер. Вториот прекршок, кој е нотиран, е заради земање брисеви во неадекватен пункт. Секој пункт каде што се земаат брисеви мора да добие согласност од Министерство за здравство за исполнување услови по основ на простор, опрема и кадар. Заради овие два прекршока веќе во тек е постапка за  вонреден стручен надзор која ќе проследи понатаму Одлука за извршениот вонреден стручен надзор. Тоа е по однос на надзорот на 17.04, рече директорката Бухова.

Во однос на вонредниот инспекциски надзор кој е извршен пред два дена, истиот опфати повеќе институции. Прво, инспекцискиот надзор почна во просториите на Центарот за јавно здравје - Куманово, во просториите на Здравствениот дом - Куманово, Службата за итна медицинска помош, потоа во Одделението за инфективни болести во Општата болница - Куманово, во матичните ординации на пациентите за кои се спроведуваше надзор, во службата за епидемиологија во Центарот за јавно здравје и потоа продолжи во трите лаборатории во Скопје, каде што е извршено тестирање на споменатите лица.

„Наодот од инспекцискиот надзор е следен. Во Службата за итна помош констатирани се пропусти, односно неправилности во однос на евиденцијата, евидентиран е патен налог за возачот на комбето од Итна медицинска помош (ИМП), кој почнува од 08 часот наутро до 20 часот навечер, потпишан е од возачот и од уште едно лице за коешто не знаеме кое е. Во евиденцијата на ИМП, во книгата за дневна посета, лицето М.Д е заведено со назнака „итно“, додека во приемната книга на ИМП лицата М.Д и Г (не е наведено презиме) се заведени во иста графа, без дијагноза со релација од дома до Инфективното одделение во ЈЗУ ОБ Куманово. На инфективното одделение во ЈЗУ ОБ Куманово, за лицето М.Д е креиран упат како итен случај и се издадени упати за РТГ на бели дробови и упат за биохемиска лабораторија. Лицето Г.С е прегледано со упат за преглед без термин и дополнителни упати за РТГ на бели дробови и биохемиска лабораторија. И за двете лица, упатите се креирани од специјалист-инфектолог од ЈЗУ ОБ Куманово. Исто, во евиденцијата на ИМП стои, транспорт до Клиниката за инфективни болести – Скопје. По извршен телефонски контакт со Клиниката во Скопје, лицето не е појавено на преглед во Клиниката за инфективни болести - Скопје “, потенцираше директорката Сотирова-Бухова.

Понатаму, информираше  д-р Сотирова-Бухова, следејќи ја патеката каде се појавуваат овие пациенти направен е надзор во болницата „Жан Митрев“, во Лабораторијата „Биотек“ и во Лабораторијата „Систина“. Истиот ден, на 22.04 направени се тестирања, заведени се во електронската евиденција и во дневникот за евиденција. Резултатите од тестовите по електронска пошта, им се испратени на 23.04.

„Со надзорот во матичните амбуланти, констатирано е дека истите двајца, се секојдневно контактирани од матичните доктори при што во ниеден случај пациентите немаат дадено податок за евентуално влошување на здравствената состојба. По завршување на цел овој обемен инспекциски надзор констатирани се неколку повреди. Прво, констатирана повреда дека од лицата за кои на 16.04. им се издадени решенија за домашно лекување, направен е прекршок непостапување по решение, односно истите го напуштаат местото на престој. Тоа е казниво по член 67 став 1 точка 4 од Законот на заштита на населението за заразни болести, паричната каза е од 300 до 650 евра во денарска противвредност за физичко лице. За пропусти во однос на работењето на службата за Итна медицинска помош поради тоа што извршиле транспорт на КОВИД - 19 позитивни пациенти, кои треба да бидат во домашна изолација врз основа на издадено решение од ДСЗИ, тоа е сторено без евидентирано барање од страна на матичен лекар или епидемиолог за транспорт до Инфективното одделение во ЈЗУ ГОБ Куманово. Двајцата пациенти немаат симптоми на болест ниту се хоспитализирани на Инфективното одделение. Здравствената евиденција во службата на ИМП не се води уредно што е спротивно на член 6 од Законот за евиденција во областа на здравството и е казниво по член 48а, став 1, точка 1 и 2. Висината на казната за правното лице е 2,500 евра во денарска противвредност, а за одговорното лице е 30 проценти од казната изречена за правното лице. За постапувањето на докторите од Инфективното одделение од Општата болница - Куманово веќе е инициран стручен надзор, согласно член 296 од Законот за здравствена заштита и член 6 од Законот за санитарна и здравствена инспекција со цел да се утврди по кој основ се креирани упатите за РТГ и лабораторија ЛУ2 за пациентите кои ја напуштиле домашната изолација.“, информираше детално директорката на ДСЗИ, Сотирова-Бухова.

Поради технички проблеми поврзани со апликацијата за онлајн видео конференции, одговорот на последното прашање и одјавата на денешната прес-конференција на министерот Венко Филипче и директорката Иринка Сотирова-Бухова, не се пренесуваа. На претставниците на медиумите и на граѓаните им се извинуваме за непријатноста.