Д-р Караџовски: Државата се надрасна себеси, нашиот систем се покажа во справувањето со коронавирусот

Османи: Одлуките за укинување на забраната за движење и другите рестрикции не се ад-хок решенија, туку се дел од стратегијата на Владата како да се овозможи безбедност на граѓаните во услови на слободно движење

На денешната прес-конференција посветена на одлуките на Владата на Република Северна Македонија, свое обраќање имашеи заменикот на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања и за координација на странската помош за КОВИД-19, д-р Бујар Османи.

Во продолжение ви го пренесуваме неговото интегрално обраќање:

Почитувани граѓани, дозволете на почетокот да ви се заблагодарам и да ви честитам за високото ниво на дисциплина, на високата граѓанска свест и саможртва што ја покажавте сите овие недели на наметнати рестриктивни мерки. Со тоа помогнавте да се зачува вашето здравје и здравјето на вашите најблиски, но станавте десна рака на здравствените работници со што значително им ја олеснивте нивната работа.

Се разбира во целиот овој период  имаше и одредени пропусти, прекршувања и критики кон нас во делот на имплементацијата на сите овие рестриктивни мерки, но морам да кажам дека оваа закана е невидена претходно и ниту една држава и ниту еден граѓанин можел да се подготви за вакви рестриктивни мерки.

Не беше лесно ниту за Владата, но уште помалку лесно беше за граѓаните кои мораа да ги сменат своите навики, да ги напуштат своите работни места, да се грижат за образованието на своите деца, да ги ограничат своите движења. Но, и покрај сето тоа и евентуалните мали пропусти, ние успеавме од моментот на влез на овој вирус во нашата држава преку неговото ширење  да воспоставиме  контрола и предвидливост. И во ниту еден момент вирусот не излезе од контрола и не излезе од патерните на ширење кои беа предвидени во нашата стратегија.

Денешните одлуки за олабавувања воопшто не се ад-хок решенија кои се донесени денеска, туку се дел од една подолгорочна стратегија на Владата како да се овозможи безбедност на граѓаните во услови на слободно движење. Успеавме уште од Дебар кога беше најголемата криза, токму преку овие рестриктивни мерки да имаме веќе неколку недели ниту еден позитивен случај.

Истото се случи и во Куманово кога навременото тестирање, детектирање и изолирање овозможи нормализирање на кривата и убедени сме дека тој тренд, којшто на локално ниво го менаџиравме заедно со локалните штабови, еве сега се случува и на национално ниво.

Дури и денешните евентуални џебови и зголемување на бројките се во рамки на контролираното и предвидливото сценарио за ширење на пандемијата. Меѓутоа должност на Владата е да овозможи безбедност на граѓаните, слободно движење и враќање во новата нормалност која ја заговараме.

 


Филипче: Го зацврстиме здравствениот систем – имаме доволно опрема, искуство и човечки ресурси да се носиме со ситуацијата

Министерот Филипче на прес-конференцијата истакна дека денеска се навршуваат точно три месеци откако се дијагностицираше првиот случај со коронавирус во земјата кај пациентка којашто дојде од Италија.

„Сега после три месеци ние сме на некој начин на една раскрсница. Дали да продолжиме постепено да го враќаме животот во нормала, да се отвораат и угостителските објекти, бизнисите, постепено и границите, а притоа граѓаните да ги почитуваат сите мерки кои се пропишани од страна на Комисијата за заразни болести, или пак, доколку тие мерки не се почитуваат, оваа агонија со вирусот да продолжи и понатаму, а таму некаде после неколку месеци повторно да бидеме соочени со еден предизвик да воведуваме рестриктивни мерки. Ние практично три месеци интензивно работиме и се справуваме со коронавирусот во нашата земја. Неколку пати кажавме дека првата битка е добиена, но борбата се уште трае и ќе трае“, рече министерот Филипче.

Тој потенцираше дека факт е дека вирусот нема да замине. Ќе биде тука и ќе мораме да научиме да живееме со него, што впрочем го прават во сите земји во светот. Филипче посочи дека ослободувањето и попуштањето на рестриктивните мерки оди заедно во пакет со т.н. меки мерки: задолжително носење на маска, задолжително одржување на физичка дистанца и често миење и дезинфекција на рацете.

„Огромен број на граѓани покажуваат свест, се придржуваат на мерките, но за жал добар дел од граѓаните тоа не го прават и дури некои не ни веруваат во постоењето на вирусот. Денеска имаше повеќе наслови, повеќе текстови во медиумите. Дел од нив укажуваа на тоа дека овие мерки, кои сега Комисијата ги предлага се резултат на парамедицина. Сакам да кажам дека тоа не е точно. Сите досегашни мерки се носеа врз основа на науката и бројките. Со мерките продолжуваме и понатаму. И тоа е клучот со којшто постепено го враќаме во нормала. Во изминатиот период имавме доволно време и да го зацврстиме здравствениот систем: да се купи доволно опрема, да се купат доволно заштитни материјали, да стекнат искуство лекарите и медицинските сестри, сите коишто работат со пациентите за болест за којашто никој претходно во светот немал искуство. Не знаевме каква ќе биде манифестацијата, не знаевме на кој начин да се очекува текот на болеста. Меѓутоа, сега навистина се стекна искуство и знаење. Сето ова е во насока на по што квалитетен третман на пациентите. Целосно сме подготвени да се носиме со ситуацијата. Во овој момент, епидемијата исто како и досега е целосно под контрола. Сега имаме и многу добри страни од претходно силните карантински мерки, тоа што не работат школите, градинките и тоа што се затворени границите“, изјави министерот Филипче и додаде дека огромен дел во борбата со вирусот сега, како и досега паѓа на граѓаните. На нивната свест.

Филипче упати апел да се почитуваат сите превентивни мерки: да се носат маски, да се одржува физичката дистанца, да се мијат и дезинфицираат рацете.

„Сите сме одговорни за нашето здравје. Со тоа го штитиме и здравјето на нашите најблиски, а со тоа и колективното здравје. Само со придржување на превентивните мерки, ќе ставиме крај на ширење на вирусот“, изјави Филипче.

 


Д-р Караџовски: Државата се надрасна себеси, нашиот систем се покажа во справувањето со коронавирусот

Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски се заблагодари на сите колеги од Комисијата за заразни болести, сите чинители кои придонесуваат за намалување на бројот на заразени, заболени и на сите лица кои помогнаа и помагаат во лекувањето на овие пациенти. Тој истакна дека тие се неговите херои.

„Комисијата за заразни болести во досегашниот период, направи една анализа како тромесечен период, квартален период на она што ни се случува во државата. Констатиравме дека соодветно се применуваа нашите препораки, нашите алгоритми, при што преземените мерки дадоа одредени резултати. Во периодот од 14 дена којшто ни се случува, имаме просечно од 10 до 40 регистрирани случаи - на дневно ниво. Просечно изнесува 24. Еден од факторите што не натера да размислуваме за олабавување на овие мерки во прва, втора, па и во трета фаза е намалениот морбидитет, намалениот морталитет, леталитет којшто ги следи европските и светските трендови. Во изминатите 14 дена направени се 6.063 тестови за КОВИД. Односно, близу 1500 тестирања на еден милион жители. Ние немаме новорегистрирани случаи, туку точно знаеме во оние фамилии, оние општини каде што имаме веќе дијагностицирани случаи. Ги знаеме кои лица биле во самоизолација или во изолација. И веќе во нивните фамилии имаме појава на новорегистрирани случаи. Значи, ги контролираме случаите кои се регистрираат во нашата држава“, рече д-р Караџовски.

Во моментов 1.439 лица се излекувани, нешто повеќе од 400 се во состојба на активни случаи коишто се следат. Во 7 градови има само од 1 до 3 пациенти кои ги следиме. Во 5 градови сè уште има активни случаи кои се на листата на надзор. Во другите градови нема ниту еден случај. Во овие 5 градови има повеќе од 20 кластери коишто се следат, а тоа се - Скопје со неколкуте кластери во неколку општини: Чаир, Гази Баба и тоа е општината Сарај, каде што се знаат и лицата. Потоа Велес, Штип, Струга и Тетово како регион.

„Го амортизиравме првиот удар на епидемијата. Обезбедивме болнички капацитети за третман благодарение на пожртвуваноста на инфектолозите, анестезиолозите, пулмолозите и сите медицински сестри, техничари, биохемичари и сите во институциите кои придонесоа за успешното лекување. Ве уверувам во овој период дека државата се надрасна себеси - во делот на струка, наука, компетенција, едукација, третман, епидемиолошки надзор, за што ни оддава признание и Светската здравствена организација“, потенцираше д-р Караџовски.