Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше за состојбата со коронавирусот во Република Северна Македонија.
„Во последните 24 часа направени се 661 тестирање. Потврдени се 52 нови случаи на позитивни пациенти на КОВИД-19 вирусот. Во Скопје - 26, Куманово - 6, Штип - 7, Тетово - 9 , Струга - 2, по 1 пациент во Велес и во Кочани. Имаме 4 починати пациенти - двајца на Клиниката за инфективни болести и двајца во ГОБ „8-ми Септември“. На возраст од 73, 82, 76 и 55 години“, рече министерот Филипче.
Излекувани се 30 пациенти. Во Скопје - 16, Тетово - 10, Велес - 1, Охрид - 2 и во Кратово - 1 излекуван пациент.
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја изнесува 2.129, оздравени 1.516, починати 126, и во моментот бројот на активни случаи изнесува 487.
Досега во земјава се направени 27.684 тестови, за скрининг 3.015, 5 се позитивни од скринингот - 4 од градинки и 1 од геронтолошка установа.
„Дозволете да кажам неколку аспекти за моменталната ситуација, во врска со епидемијата, некои работи коишто ја претставуваат добрата страна и некои работи коишто во овој момент загрижуваат. Процентот на заразени од тестирани во изминатите 14 дена, онака како што се прави статистиката за секои две недели наназад, изнесува 5,5% и тука се калкулираат и тестовите направени од скринингот, од моментот кога почнаа да се прават. Капацитетот во болниците е пополнет 11%, и со тоа здравствениот капацитет, здравствениот систем е во добра кондиција“, изјави министерот Филипче и додаде дека бројот на оздравени здравствени работници е висок - над 92%. Инциденцата во последните 14 дена е 10,3%, 3 пати помала во однос на пикот во април месец, но продолжуваме постојано да ја пратиме. Има градови во кои биле регистрирани случаи, а сега повеќе нема: Дебар, Кавадарци, Гевгелија, Крива Паланка, Радовиш, Крушево, Кратово, Пробиштип, Демир Хисар, Македонски Брод, Пехчево, Берово, Валандово, Делчево, и во 7 града има до 5 активни случаи: Кочани, Струмица, Виница, Кичево, Свети Николе, Гостивар и Неготино.
„Зголемениот број на случаи доаѓаат најчесто од познати кластери, меѓутоа има и некои нови околу тие кластери, во неколку општини. Е сега, некои работи коишто овие ден-два загрижуваат. Информациите кои што ги добивме од терен од колегите, од здравствените работници за непочитувањето на мерките беа индикатор, аларм, да направиме контроли во текот на вчерашниот ден во однос на степенот на почитување на мерките и генерално за спроведување на сите процеси во врска со епидемиолошките препораки. Се направи надзор во Тетово во локалниот центар за јавно здравје и во Штип каде што се анализираа сите случаи“, потенцираше министерот Филипче.
Тој истакна дека од увидот во Тетово е констатирано дека не се почитува самоизолацијата, дека има генерално непочитување на сите изречени мерки - носењето на маските како и дистанцата, како во Тетово така и во околните места кајшто има новодијагностицирани случаи.
Од увидот во Штип, непочитување на правилото за транспорт посебно на вработените во конфекциите каде што има новодијагностицирани пациенти, една конфекција, еден погон е затворен по налог на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, меѓутоа во транспортот во автобусите се возат вработени од сите конфекции, се собираат од сите околни места во Штип. Не се почитува правилото за процент на пополнетост на автобусот, ниту пак носењето на маски. Во една конфекција има 17 заболени и уште 70 контакти коишто се во изолација.
„Уште еден проблем со којшто се соочуваат колегите епидемиолози - одбивањето на соработка од страна на пациентите, потешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, одбивањето да дадат точни податоци, даваат лажни адреси, тешко може да се достават решенијата за самоизолација. Од последната анализа имаме концентрација поголема во 4 скопски општини: во Сарај, Чаир, Гази Баба, Бутел и Аеродром и како што кажав огромен процент на новозаболените се како резултат на непочитување на мерките за самоизолација и за лична заштита. Овие новодијагностицирани пациенти се практично заразени и во период кога имаше строги рестриктивни мерки во однос на движењето и беа во важење истите овие мерки коишто се сега во однос на превенцијата. Загрижува уште повеќе што има информации за граѓани кои и со решение за самоизолација се шетаат надвор. Затоа барам апсолутно поголема ажурност од страна на Министерството за внатрешни работи - поголема контрола и санкции на тие коишто овие мерки не ги почитуваат. Ние продолжуваме активно да ја следиме состојбата“, изјави министерот Филипче.
Тој порача дека повторно ќе се воведат рестрикции, таргетирани, локализирани на некои места, согласно бројот на новодијагностицирани или поинакви, ако епидемиолошката состојба тоа го наложи.
„Утрово на состанокот на Комисијата за заразни болести тоа го дискутиравме, ќе ги анализираме податоците бројките и во следните денови во текот на викендот и врз основа на тоа ќе ги носиме одлуките. Во моментов заради стабилната состојба на здравствените капацитети, локализираните и познати кластери сè уште нема потреба за тоа, но повторувам, будно следиме и ќе носиме одлуки доколку треба ќе воведеме такви мерки. Сакам да потсетам дека ги олабавивме рестриктивните мерки, се укина полицискиот час, со јасна порака за задолжително почитување на сите превентивни мерки за лична заштита. Тоа го прават сите земји, тоа е единствениот начин за излез од оваа криза, ние не можеме вечно да живееме со затворени граници, со рестрикција на движењето и одговорноста за враќање во нормала сега е на секој граѓанин во нашата земја. Жал ми е што има луѓе што ова не го разбираат, заради тоа што ниту ние во Министерството ниту епидемиолозите, ниту било која државна институција не може сама да се справи со овој проблем. Огромна одговорност имаат граѓаните“, рече министерот Филипче.
Мерките се јасни, воопшто не се тешки да се спроведат. Занемарувањето на присуството на вирусот нема да ни помогне. Само го одлага решавањето на овој многу сериозен проблем. Треба да се носи маска, често да се мијат рацете, да се прави дезинфекција и да се прави физичката дистанца.
„Ние постепено почнавме да ги отвораме економските оператори, компаниите бизнисите како сите земји во регионот, во светот за да го продолжиме животот. Утрово стигнаа пораки и од Бугарија дека планираат да ги отворат границите за сите земји членки на Европската Унија, плус за Србија и Северна Македонија. Но, останува на сите нас, да сме свесни за одговорноста којашто ја носиме за да можеме постепено животот да го враќаме во нормала. Ова е светска здравствена криза. Ниту една земја не се одбрани долго време нема да се случи. Последните анализи за каква ќе биде состојбата и после 2021 година. Ние можеме да го контролираме и минимизираме ширењето. Единствено преку подигнување на нивото на свест. Колку побрзо го сфатиме ова, дека ова е нашиот нов начин на живот, толку побрзо ќе излеземе од кризата. Друг механизам нема“, истакна Филипче.