Оваа Влада е определена да го исполнува ветеното и да ги завршува работите што ги презема, ВМРО-ДПМНЕ непотребно ја бирократизираше и ја оддолжуваше постапката за изградба на спомен обележјето на нашиот голем уметник - Тоше Проески

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска и градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски денеска положија свежо цвеќе во спомен куќата и направија увид во работите на изградбата на спомен обележјето на гробното место на Тоше Проески.

Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски истакна дека денеска сме тука за да ја потврдиме оваа определба и да направиме увид во извршувањето на изградбата на спомен обележјето на вечното почивалиште на нашиот голем сограѓанин и интернационално прифатен естраден уметник Тоше Проески, како наша должна почит.

„Владата на Република Северна Македонија е определена да ги завршува работите што ги презема. Да го исполнува ветеното. Претходната владина гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ непотребно ја бирократизираше и ја оддолжи постапката за изградба на гробното спомен обележје на Тоше, и залудно беа изгубени средствата предвидени за таа намена. Владата на Република Северна Македонија, предводена од СДСМ,  минатата година додели 10 милиони денари за да се реализира идејното решение, кое се оформи како конечно низ постојана комуникација и консултација со родителите на Тоше“, потенцираше премиерот Спасовски.

Тој образложи дека сега се изведуваат завршните работи и наскоро првенствено неговото семејство, а потоа и неговите фанови ќе можат да се поклонат пред неговото вечно почивалиште кое како симбол ја одразува големата религиозност на Тоше Проески и вербата во Бог кој тој ја споделуваше и преку неговата музика.

„Многу скоро, до крајот на летото, овде на Гумење ќе биде достојно уредено и завршено неговото вечно почивалиште, кое никогаш не е без посетители. Сите тие го одржуваат споменот во негова чест, споменот на благородната душа која со своите постапки и со своите песни обележа цела една епоха од нашето културно и естрадно творештво, и беше амбасадорот на нашата земја и на неговото Крушево во светот“, прецизираше премиерот Спасовски.

Тој истакна дека песните и споменот на Тоше денеска се дел од препознатливата иконографија за Крушево, полно со историски знаменитости и современи атракции, дека овде историјата се среќава со современоста преку природни убавини, преку светското првенство  параглајдерство и преку другите интернационални настани.

„Крушево е посакувана светска дестинација според светски познатите туристички промотери, и во таа насока заслужуваат големо и соодветно признание сите остварувања на локалната самоуправа во таа насока. Општина Крушево денес е општина со функционални институции и ветени проекти кои се реализираат. Крушево секој ден се менува на подобро. Се уверивме во тоа и на патот овде до Крушево со посетата на регионалниот пат кој ги поврзува Општините Крушево и Долнени. Започнува реконструкцијата на овој пат кој беше дел од програмата за локалните избори на градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски, како еден од најважните проекти во реализација на Министерство за транспорт и врски преку Јавното претпријатие за државни патишта во овој регион“, финално потенцираше премиерот Спасовски.

Градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски истакна дека конечно ја остваруваме нашата должност кон Тоше – да изградиме достојно почивалиште кое ќе го претставува неговиот живот, неговата музика и неговите добри дела.

„Без Владата овој проект не би го реализирале. Ги подготвивме сите потребни документации, од проекти, идејни решенија, консултации со семејството на Тоше и Владата оддели средства за да се изгради ова достојно почивалиште. Морам да напоменам дека се што работевме го работевме заедно со семејството на Тоше за најдоцна до септември почивалиштето да биде целосно изградено и истото да ги отсликува желбите и потребите на семејството“, потенцираше градоначалникот Христоски.

Тој образложи дека почивалиштето во себе носи голема симболика, го симболизира неговиот живот, она што најдобро знаел да го прави, а тоа е музиката, сите добри дела, чуени и незнајни, кои ги правел, и неговиот вечен живот преку песните. Денеска сè уште ги слушаме неговите песни и се потсетуваме на сè она што го направи и за Крушево и за државата.

„Затоа ние сме должни да го направиме барем ова – да изградиме достојно вечно почивалиште“, потенцираше на крај Христоски.