„Грижата за сите и социјалната правда е она што ќе ме води во текот на целиот мој мандат, а тоа значи да изградиме општество кое ќе им овозможи еднакви можности на сите, општество кое ќе гради соживот и доверба, општество кое нема да дискриминира по ниту една основа, општество во кое граѓаните ќе бидат најзначајниот капитал“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на прес-конференцијата по повод мандатно писмо врачено од претседателот на Владата, Зоран Заев.
Таа посочи дека мандатното писмо во кое се наведени принципите врз основа на кои ќе функционира Владата, за неа значат преземање обврска за чесно, одговорно, транспарентно и отчетно работење исклучиво во служба на граѓаните.
Министерката Шахпаска истакна дека во своето работење е целосно посветена на зачувување на секое работно место, поддршка на стопанството, на ранливите категории граѓани кои се најпогодени од кризата, но и на безбеден престој и згрижување на децата од претшколска возраст.
„Градинките ги отворивме и обезбедивме процес на безбеден престој на децата, со сведување на ризикот за инфекција од коронавирусот на минимум, согласно Протоколот усвоен од Комисијата за заразни болести.
Здравјето на најмладите за нас е врвен приоритет и од тоа не отстапуваме. Но, морам да нагласам дека сите ние имаме одговорност и затоа апелирам до сите да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот КОВИД-19, зошто само на тој начин ќе можеме да се заштитиме и да создадеме услови за сигурно работење на градинките“, порача Шахпаска.
Таа посочи дека интензивно се работи на зголемување на капацитетите во градинките, преку изградба на нови градинки по најсовремени стандарди, но и проширување на постоечките објекти.
„Се грижиме и за најранливите категории на граѓани, корисниците на социјалните права, чиј број со пандемијата е зголемен.
И во услови на пандемија социјалната реформа продолжува.
Искоренување на сиромаштијата, особено детската останува наша заложба“, додаде таа.
Министерката за труд и социјална политика го најави започнувањето на процесот на децентрализација на социјалните услуги на локално ниво и продолжување на процесот на деинституционализација, се додека и последното лице не биде згрижено во мали групни домови кои нудат услови најблиски до оние на семејствата.
„Економски силни држави создаваат мотивирани и задоволни работници, чиј труд се вреднува, се почитуваат нивните права и се работат на безбедни работни мести. Ова е можно само преку отворен и континуиран социјален дијалог во општеството, во кој ќе бидат вклучени работниците, работодавачите и ние како Влада. Новиот Закон за работни односи ќе ги регулира сите прашања кои произлегуваат од работниот однос, јасно ќе ја дефинира сезонската работа, синдикалното организирање и работењето од далечина, како предизвик кој го наметна корона пандемијата“, рече Шахпаска и нагласи дека Владата продолжува со политиките на зголемување на минималната и на просечната плата.
Таа додаде дека грижата за највозрасните граѓани, кои го граделе општеството, пензионерите ќе се потврди преку стабилен пензиски фонд кој гарантира редовна исплата на пензии на сегашните и идни пензионери и раст на пензиите во континуитет.
Притоа министерката Шахпаска се осврна и на политиките и мерките наменети за младите кои ќе придонесат за поголема вработливост преку отворање на нови работни места, но и преку поддршка и грантови за самовработување.
„Родовата еднаквост и борбата против дискриминација се високо на мојата агенда. Законот за спречување и заштита од дискриминација веќе е во собраниска процедура и убедена сум дека во брз рок ќе добиеме ефикасна и објективна Комисија за заштита на граѓаните“, истакна Шахпаска.
Таа додаде дека Законот за спречување и заштита од дискриминација веќе е во собраниска процедура и наскоро ќе добиеме ефикасна и објективна Комисија за заштита на граѓаните од дискриминација.
„Борбата против родово базираното и останати облици на семејно насилство ја продолжуваме со целосна имплементација на Истанбулската конвенција. Овде сум да работам, вредно, одговорно, транспарентно, но пред се чесно за граѓаните и за нашата држава“, истакна Шахпаска.