Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, и министерот за правда, Бојан Маричиќ, денеска ги презентираа препораките од најновиот извештај на Телото на Советот на Европа кое се занимава со мониторинг на антикорупциските стандарди во земјите – ГРЕКО. На вчерашната пленарна седница, ГРЕКО нотираше значаен напредок на Република Северна Македонија во делот на исполнување на препораки од четвртиот круг на евалуација. ГРЕКО констатира дека Северна Македонија прави голем исчекор – досегашната оценка за усогласеност со дадените препораки на ГРЕКО која беше „генерално незадоволителна“, сега се искачува на „задоволителна“.
„Позитивно сме оценети за носењето на Етичкиот кодекс за пратеници со одредби за спречување на конфликт на интереси, за примање подароци, како и со конкретни санкции за пратениците кои не ги почитуваат одредбите од Кодексот. ГРЕКО позитивно го оцени носењето на новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси со кој се проширени надлежностите на ДКСК, и притоа нотира дека Законот утврдува едноставна и електронска форма на Изјава за темелна проверка на имотот и конфликтот на интереси на функционерите, за што е надлежна исклучиво ДКСК“, изјави заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човек ресурси, Љупчо Николовски.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, посочи дека Владата ќе продолжи уште попосветено да работи на исполнување на препораките на ГРЕКО од Петтиот круг на евалуација, на тема: „Спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт (највисоките извршни функции) и органите за спроведување на законот“.
„ГРЕКО го констатира фактот дека последните два мандати министрите за правда не присуствуваат на седниците на Судскиот совет, како и дека со новиот Закон за Судскиот совет правото на глас на министерот за правда во Судскиот совет е одземено. Преземени се мерки за јакнење на независноста, департизираноста и интегритетот на судиите поротници. Усвоен е Кодекс за судска етика, Водич за негова примена и формирано е тело за негова имплементација. Сето ова е посебно поздравено од ГРЕКО, а особено одредбите за забрана за примање на подароци и услуги. Донесен е нов Закон за судови во кој се утврдени многу попрецизно од порано основите за дисциплинска одговорност на судиите. Донесен е единствен Етички кодекс на јавните обвинители усвоен од Државниот јавен обвинител кој ги обврзува сите јавни обвинители во државата. Донесен е нов Закон за јавното обвинителство чија содржина, особено во врска со санкциите и дисциплинските мерки за јавните обвинители ГРЕКО ја поздравува“, изјави министерот Маричиќ.
Инаку, станува збор за деветнаесет препораки кои беа објавени во 2014 година и се однесуваа на превенција на корупцијата во Парламентот, судството и обвинителството. До 2018 година се спроведени две оценувања, тогаш ГРЕКО констатираше дека голем број од препораките не се имплементирани. Во дадениот рок за спроведување на препораките односно до септември 2019 година, ГРЕКО констатира дека Северна Македонија од сите 19 препораки, нема исполнето само две препораки, односно дека целосно исполнила девет, а делумно исполнила осум препораки во однос на „Превенцијата од корупција во Парламентот, судството и јавното обвинителство“, со што ја напушта групата на „глобално незадоволителни“ држави.