„Законот за изменување и дополнување на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица денеска е усвоен на седница на Собранието на Република Северна Македонија и со тоа се овозможува практичната имплементација на мерката „Викенд без ДДВ“, која ќе се спроведе во претстојниот продолжен викенд, односно во деновите 10, 11 и 12 октомври“, соопшти вршителот на должност директор на Управата за јавни приходи,
Фарук Омери.
„Викенд без ДДВ е меѓу првите мерки од 4–тиот пакет мерки кои ги донесе Владата на Република Северна Македонија за справување со последиците од пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19. Како и во претходниот период, Управата за јавни приходи продолжува со активно учество во реализација на сетот мерки на Владата на Република Северна Македонија, а се со цел поддршка на домашната економија. Мерката „Мој ДДВ“ која ние како Управа за јавни приходи во целост ја реализиравме минатата година и која постојано и успешно ја надградуваме, ја прилагодивме и за реализација на мерката „Викенд без ДДВ“. Започнавме скромно, но од ден на ден бројот на регистрирани обврзници кои ја користат апликацијата растеше, за да денес истата ја користат 350.000 илјади граѓани“, посочи Омери.
ВД директорот на УЈП нагласи дека сите граѓани кои се корисници на апликацијата „Мој ДДВ“, за фискалните сметки издадени на деновите 10, 11 и 12 октомври, и пријавени во УЈП со скенирање преку апликацијата „Мој ДДВ“, за купените македонски производи и услуги и компјутерска опрема, ќе им се врати целосниот износ на пресметаниот ДДВ за овие производи во фискалните сметки. Ако досега се враќаше 20% од пресметаниот ДДВ за македонски производи, овој продолжен викенд се враќа целосниот износ на пресметаниот ДДВ.
„Значајно е дека, за враќање на целиот износ на данокот граѓаните треба да ги скенираат фискалните сметки во рок од 3 дена по нивното издавање, а доколку ги скенираат по овој рок, враќањето на ДДВ за овие производи ќе продолжи како до сега, односно ќе се враќа 20% од искажаното ДДВ во фискалната сметка. Важно да се напомене и дека, вкупниот промет од македонски производи, услуги и комјутерска опрема за кои ќе се враќа целосен износ на ДДВ е 30 илјади денари по лице, а за надминатиот износ на вкупниот промет ќе се пресметува според редовната пресметка односно 20 %“, објасни директорот Омери.
„Република Северна Македонија располага со голем асортиман на домашни производи почнувајќи од прехранбените продукти, текстил, облека, градежни материјали, мебел и друго, што значи дека е широка лепезата на нашите домашни македонски производи и граѓаните може овој викенд да ги направат потребните набавки. Исто така, акцент е ставен и на компјутерската опрема со тоа што во овој период, односно од 10-12 октомври, истата независно од потеклото, во фискалните сметки ќе се регистрира како промет од македонски производи, се со цел граѓаните да ги искористат придобивките од купување на компјутерската опрема, имајќи во предвид колку е таа сега во овој период неопходна“, истакна Омери.
„Враќањето на данокот на додадена вредност кај граѓаните што го оствариле за време на викендот без ДДВ ќе се реализира во рок од 15 дена од денот на издадената фискална сметка, односно најдоцна до крајот на месец октомври. Основната цел на „Викенд без ДДВ“ е повеќе пари кај граѓаните, особено во овој период од годината кога трошоците во домаќинствата се зголемени, при што граѓаните ќе може да купуваат домашни производи и компјутерска опрема, преку што ќе се поттикне потрошувачката , а истовремено ќе се поддржи и домашната економија. Но, на подолг рок мерката „Мој ДДВ“ значи борба со сивата економија, што значи дека секој граѓанин е инспектор на терен, со тоа што тој бара да му се издаде валидна фискална сметка, а доколку не му се издаде валидна фискална сметка може да пријави во Управата за јавни приходи, каде што нашите инспектори излегуваат на терен и неиздавањето на фискални сметки го санкционираат“, нагласи ВД директорот на УЈП Фарук Омери, на прес-конференцијата на која беа презентирани деталите за мерката „Викенд без ДДВ“.