Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната редовна прес-конференција информираше за инспекциските надзори направени од страна на шест инспекторати во периодот од 5-ти до 11-ти октомври, а кои се однесуваат на почитување, односно непочитување на Владините уредби, одлуки, протоколи и мерки за превенција и спречување на ширењето на коронавирусот КОВИД-19 во Северна Македонија, но и во однос на почитување на материјалните закони. Со оглед на изминатиот „викенд без ДДВ“, претседателката Филиповска-Грашкоска, ги презентираше и податоците за контролите на Државниот пазарен инспекторат, а кои се однесуваат конкретно на изминатите три дена додека траеше викендот без ДДВ.
Во продолжение е интегралното обраќање на Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска
Продолжуваме со редовните прес-конференции на коишто ќе ги презентираме податоците од извршените контроли на инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за транспорт и Агенцијата за лекови и медицински средства, а кои се однесуваат на почитување, односно непочитување на Владините уредби, одлуки, протоколи и мерки за превенција и спречување на ширењето на коронавирусот КОВИД-19 во Северна Македонија.
На денешната прес-конференција ќе ги презентираме податоците од спроведените контроли за периодот од 5-ти октомври заклучно со 11 –ти октомври.
Би сакала да потенцирам, дека капацитетите на сите инспекторати се подигнати на највисоко ниво, инспекторите на терен вршат засилени контроли, навремено и неселективно се постапува во случај доколку се забележи одредено прекршување на законите и на протоколите.
Контролите се извршени согласно здравствените протоколи за отворање и работа на угостителски објекти заради спречување на внесување и ширење на коронавирусот КОВИД-19, и материјалните закони по кои постапуваат сите инспекциски служби.
Во посочениот период Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршија 2.881 контрола и 290 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна , Законот за трговија, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за угостителска дејност, Законот за заштита од пушењето, Уредба со законска сила за примена на Законот за трговија. При тоа поднесени се 23 прекршочни пријави, 19 кривични пријави за непочитување на КОВИД протоколите (свадби, дозволен број на маси, дозволено растојание) и изречени се 5 решенија за други прекршоци. Инспекторите од пазарниот инспекторат вршеа интензивни контроли и последните три дена поради викендот без ДДВ, а во насока на контрола на тоа дали цените на производите воведени во трговските книги на трговците, соодветствуваат со истакнатите цени на производите, со цел да се спречат можни манипулации со цените на производите. Тука ќе споменам дека за време на викендот без ДДВ, инспекторите имаат констатирано 15 прекршоци на Законите за трговија и за заштита на потрошувачите.
Државен здравствен и санитарен инспекторат во истиот период изврши 126 надзори под однос на здравствените протоколи и по претставки. Во периодот од 5-ти октомври заклучно со 11-ти октомври овој инспекторат издаде 3.929 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на КОВИД-19 и лица кои биле во контакт со заболени .
Државниот инспекторат за труд, во истиот период спроведе 409 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на протоколите во насока на заштита на здравјето на вработените. При овие надзори , од страна на трудовите инспектори донесени се 17 решенија кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи.
Во периодот од 5-ти до 11-ти октомври Инспекторат за транспорт изврши 48 надзори, при што изречени се 2 кривични пријави за непочитување на здравствениот протокол за меѓународен превоз на патници на граничниот премин Деве Баир, како и 4 прекршочни пријави, 5 решенија и 9 платни налози по основ на прекршување на материјалните закони ( Закон за превоз во патен сообраќај, Закон за време на мобилните работници и Законот за превоз на опасни материјали)
Во истиот период, МАЛМЕД има спроведено 60 надзори во аптеки по основ почитување на мерките на Владата на РСМ и издавањето на антибиотици, при што не се констатирани прекршувања на законските одредби и отстапувања од протоколите.
Агенцијата за храна и ветеринарство, во периодот од 5-ти до 11-ти октомври 287 надзори. При тоа издадени се 5 решенија , 2 платни налози и 40 едукации за неизвршени здравствени прегледи, неводење на записи за хигиена, неспроведување на општи хигиенски мерки. Заштитата на здравјето на секој граѓанин е врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Со цел, поголемо почитување на здравствените протоколи, и спречување на ширењето на коронавирусот, неодамна Владата ги усвои измените на Законот за заштита на население од заразни болести, кои беа на наше барање. Со овие измени сите инспекциски служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на КОВИД протоколите. Досега само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави за непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување на забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и за другите инспекторати на централно и локално ниво.
Конкретно, доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти кои не ги почитуваат мерките. Дополнително според новите висината на глобите ќе варира во зависност од големината на правниот субјект. На овој начин очекуваме дека ќе се обезбеди ефективност на санкцијата, а од друга страна ќе постои правичност, односно ќе им се даде можност на оние правни лица кои ги почитуваат протоколите да продолжат да си ја вршат својата работа, а оние правни лица кои нема да ги почитуваат протоколите да бидат соодветно и навремено санкционирани.
Законските измени се веќе пратени во Собрание, штом бидат изгласани и објавени во Службен весник, инспекторите веднаш ќе започнат да постапуваат според новите овластувања.
Би сакала да потенцирам дека ова е заедничка битка, и мора сите да придонесеме за спречување на ширење на коронавирусот. Затоа е важно да се почитуваат сите здравствени протоколи. Како инспекциски служби, правиме максимални напори, да ги минимизираме можностите за ширење на коронавирусот во големите и средни производни капацитети, трговски објекти, кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна, банки, пошти, аптеки, обложувалници и во сите други правни лица кои обавуваат било каква дејност.
Инспекциските служби ќе бидат на терен постојано, секаде низ земјата и ќе го следат правилното почитување на сите акти кои Владата ги носи.