Во периодот од 12 до 18 октомври, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот трудов инспекторат, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за лекови и медицински средства реализираа вкупно 2.183 контроли, во врска со законите по кои постапуваат, како и по однос на одлуките на Владата од кои произлегуваат протоколите за спречување на ширењето на коронавирусот, соопшти на денешната прес-конференција, претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Во продолжение е интегралното обраќање на Филиповска-Грашкоска:
„Изминатите неколку недели, за жал, сведоци сме дека епидемијата на коронавирусот не само што не стивнува, туку уште повеќе го зголемува својот интензитет, што се рефлектира преку голем број на новоинфицирани лица. Оваа состојба доведе до предлагање на нови мерки кои дел се во надлежност на инспекциските служби , а дел на други органи со кои инспекциските служби постојано соработуваат. Инспекциските служби кои вршат надзор и контрола на почитувањето на одлуките кои ги носи Владата, ќе продолжат со редовни и интензивни контроли на терен и изрекување на казни, за оние кои не ги почитуваат здравствените КОВИД протоколи.
Искрено очекуваме, дека ќе се подигне колективната свест и преку почитување на мерките за заштита на јавното здравје сите заеднички ќе придонесеме за намалување на ширењето на коронавирусот.
На вчерашната владина седница, се усвои предлогот на Комисијата за заразни болести, со кој работното време за економските оператори се ограничува до 23:00 часот, како и за ограничување на капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50% од вкупниот број на патници, предвидени во едно возило. Денеска ќе се објават овие мерки во Службен весник, со што веднаш ќе стапат на сила. Апелирам до сите економски оператори да ги почитуваат овие одлуки, а инспекциските служби редовно ќе вршат контроли за почитување на сите здравствени протоколи.
Во периодот од 12 до 18 октомври, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот трудов инспекторат, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за лекови и медицински средства реализираа вкупно 2.183 контроли, во врска со законите по кои постапуваат како и по однос на одлуките на Владата од кои произлегуваат протоколите за спречување на ширењето на коронавирусот.
Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, во посочениот период, извршија вкупно 1.180 контроли, од кои 538 инспекциски надзори се спроведени согласно материјалните закони по кои оваа инспекциска служба постапува меѓу кои се и Закон за заштита на потрошувачи; Закон за трговија; Закон за нерегистрирана дејност; Закон за угостителска дејност...( Закон за градежни материјали; Закон за занаетчиска дејност; Закон за енергетика; Закон за метрологија; Закон за безбедност на производите; Закон за заштита од пушењето). Дополнително пазарниот инспекторат изврши 642 контроли по основ на здравствените Протоколи за работа на угостителски објекти.
При овие надзори, од страна на Државните пазарни инспектори изречени се вкупно 24 прекршочни пријави за нерегистрирана дејност, пречекорување на работно време и слично, како и 7 кривични пријави за угостителски објекти од кои 2 кривични се за организирање на свадби во Тетово и Скопје, и уште 5 кривични пријави за угостителски објекти во Скопје кои не ги почитувале протоколите во смисла на дозволено растојание помеѓу поставените маси, број на маси и слично. Дополнително, изречени се 52 решенија и 76 прекршочни платни налози за различни субјекти на територијата на целата држава.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат, покрај активностите поврзани со издавање на 5243 решенија за здравствен надзор и домашна изолација на заболени лица од КОВИД-19, како и на лица кои биле во контакт со позитивен на КОВИД-19, спроведе вкупно 116 надзори во субјекти во нивна надлежност, односно во приватни и јавни здравствени установи, домови за стари лица и други правни субјекти во нивна надлежност, а во врска со почитување на протоколите за заштита на медицинскиот персонал и за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот КОВИД-19, за што се донесени 13 решенија за констатирани неправилности.
Државниот инспекторат за труд, реализираше вкупно 395 инспекциски надзори кај работодавачи, врз основа на законот за работни односи и законот за безбедност и здравје при работа, како и врз основа на протоколите за заштита на вработените од корона вирусот. При овие надзори од страна на трудовите инспектори изречени се 23 решенија за работодавачи во повеќе градови низ државата (Дебар, Струга, Гевгелија, Кичево, Неготино , Тетово и Пробиштип) за отстранување на утврдените недостатоци во однос на начинот на исплата на плата, работното време и безбедноста и здравјето при работа.
Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведе вкупно 355 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари, при што најчесто констатирани недостатоци се: неизвршени здравствени прегледи, неводење на записи за Добра Хигиенска Пракса, неспроведување на општи хигиенски мерки, нерегистриран објект и небезбеден производ поради што донесени се 5 решенија, 1 прекршочен платен налог и извршени се 33 едукации.
Државниот инспекторат за транспорт во истиот период, изврши 82 инспекциски надзори и за утврдените неправилности издадени се 3- кривични пријави за непочитување на протоколите и тоа: 2 кривични пријави за непочитување на Протоколот за вршење на меѓународен превоз на патници на граничен премин Деве Баир и 1(една) кривична пријава во Штип за непочитување на Протоколот за вршење на меѓуградски превоз на патници. Дополнително, за непочитување на материјалните закони изречени се уште 7-прекршочни пријави и 5- решенија.
Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот од овие седум дена изврши вкупно 55 надзори и тоа кај 26 аптеки во Скопје, 10 аптеки во Куманово, 11 аптеки во Струмица 2 аптеки во Охрид и 6 аптеки во Кавадарци, при што е вршена контрола по основ почитување на мерките на Владата и формирани цени на заштитни средства од корона вирус и издавање на антибиотици. При овие надзори не се констатирани прекршувања на законските одредби и отстапувања од протоколите.
Почитувањето на усвоените протоколи од Владата, од страна на стопанствениците, но и од страна на граѓаните е клучно во справувањето со коронавирусот. Сите ние сме исправени пред голем предизвик, имаме огромна одговорност, прво за нашето здравје, за здравјето на нашите блиски, но и за генералното јавно здравје. Упатувам апел да се почитуваат мерките за носење на заштитна опрема за вработените во правните субјекти и за граѓаните кои ги посетуваат, мерките за дезинфекција и за хигиена, како и за одржување дистанца од 2 метри при извршување на било која активност.
Во таа насока, би сакала да потенцирам дека инспекциските служби ќе продолжат да функционираат со полн капацитет за заштита на населението од ширење на овој опасен вирус, но и за заштита на правата на секој граѓанин. Нашата цел, како инспекциски служби, е да помогнеме во зачувување на јавното здравје и да придонесеме кон обезбедувањето на функционалноста на целиот систем. Во таа смисла уште еднаш би напоменала дека секое непочитување на протоколите и законите ќе биде соодветно и неселективно санкционирано“.