Со цел да ги подобриме резултатите на меѓународните тестирања -пробното ПИСА тестирање во 2021 и редовното тестирање за ПИРЛС кое исто така се спроведува идната година, веќе посветено и активно работиме и со наставниците и со учениците и директорите на училиштата кои се клучот до успехот, рече министерката Мила Царовска на денешната прес-конференција на која беа презентирани активностите за успешна реализација на двете меѓународни тестирања.
„Спроведени се обуките на одделенските наставници на четвртооделенци кои ќе бидат опфатени со тестирањата ПИРЛС во 2021 година. Истовремено со процесот за обука за ПИРЛС течат и обуките на наставниците од средните училишта за ПИСА тестирањето идната година кое ќе биде пробно“, нагласи Царовска.
Меѓународната студија ПИРЛС ја проверува оспособеноста на учениците од 9-10 годишна возраст за читање со разбирање, а Република Северна Македонија во тестирањето ќе учествува заедно со околу 50 држави од целиот свет. Од него се добиваат резултати за тоа како културната средина, наставната практика, целите на наставните програми и систематското уредување на образованието влијаат врз постигањата на учениците. ПИСА тестирањето ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во секојдневниот живот и се проведува на возраст од 15 години. Тоа не потврдува само дали учениците можат да го репродуцираат своето знаење, туку испитува и колку добро можат да го искористат наученото во непознати ситуации, во училиште и надвор од него.
„Резулатите на меѓународните тестирања секогаш се одраз на тимска работа, во која се мотивираниот учител и наставник и добрите наставни планови и програми. Тоа е суштината на реформата што ја спроведуваме и има за цел да го подобри квалитетот на образовниот систем“, посочи Царовска.
Резултатите од овие тестирања се важни како патоказ во која насока треба да се подобрува и унапредува националниот образовен процес. Зборувајќи за реформите во образованието, министерката Царовска информираше дека со нив нашиот образовен систем се прилагодува на современите светски образовни практики. Царовска потенцираше дека секој од нас го сака најдоброто за децата, односно сите се стремиме тие да бидат на исто рамниште на знаења и способности со најдобрите во светот, а резултатите од меѓународните тестирања да станат наша национална гордост.
Директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска рече дека за нив, како институција која спроведува екстерна евалуација на постигањата на учениците, овие меѓународни тестирања се референтен извештај за квалитетот на образованието. Координаторката за меѓународни тестирања во ДИЦ Бети Ламева, рече дека реформите во образованието се насочени кон поттикнување на учениците критички да размислуваат, да решаваат проблеми, да применуваат знаења во реални ситуации, како и кон јакнење на воннаставните активности кои битно влијаат врз постигањата на учениците и нивните трајни знаења.