Министерството за локална самоуправа не застана во спроведувањето на планираните активности иако и здравствената криза и изборите го направија процесот посложен, сепак клучните проекти се реализираат во континуитет, со голема поддршка од Амбасадата на Швајцарија, УНДП и Делегацијата на Европската Унија, го потврди сработеното за изминатите 100 дена од вториот мандат, министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
- Врз основа на претходно спроведената оценка на имплементацијата на Стратегијата за регионален развој, подготвивме нова Стратегија за наредниот десетгодишен период и нов Закон за рамномерен регионален развој, кои што веќе се усвоени од Владата. Создавање на поволно опкружување од страна на централната и на локалните власти за домашните и странски вложувања. Приоритет ни е обезбедување на одржлив систем на финансирање на општините со што ќе се зголеми нивното директно влијание на локалниот економски развој и вработувањето, појасни тој.
Според Милевски реализирани се нови 8 инвестициски и 8 иновативни проекти во сите 8 плански региони во вредност од 1,5 милиони швајцарски франци, средства од Буџетот и од швајцарската Влада. Зголемен е капацитетот и подобрени се условите во домот за згрижување на стари лица во Берово, целосно е реконструиран и адаптиран ученичкиот дом во Куманово, подобрени се условите за живеење и учење на 120 ученици, создадени се услови за ученици со лесна физичка попреченост и за згрижување на жртви на семејно насилство.
- Исто така опремивме сензорни соби во Кочани, Штип и во Делчево за психофизички развој на децата со потешкотии во развојот, набавивме опрема за стекнување на вештини и професионално оспособување и реинтеграција на маргинализирани лица во Југоисточниот плански регион, го реновиравме и обезбедивме греење на базенот за рехабилитација во болницата Св. Еразмо во Охрид, вели Милевски.
На листата успешни проекти се и инсталираните 23 агрометеролошки станици во сите 10 општини во Југоисточниот плански регион како и комплетниот ремонт на агрометеоролошките станици во Пелагонискиот плански регион. Поставени се пластикмати за рециклирање на отпад во Североисточниот плански регион, реконструирано и доградено е полетувалиштето за параглајдеристи во Крушево за развој на авантуристистички туризам во Пелагонискиот плански регион, а по 40 години целосно се реконструирани двата ски лифтови на Пониква во должина од 692 метри,за развој на туризмот во Источниот плански регион.
- Во исто време имплементираме нови 26 проекти за рамномерен развој на 8-те плански региони во вредност од 321 580 000 денари, 18 проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби во вредност од 36 000 000 денари и 14 проекти за развој на селата во вредност од 15 460 000 денари, за подобра комунална и патна инфраструктура, сите финансирани од Буџетот на државата. Пред еден месец го објавивме третиот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија во вкупна вредност од скоро 5 милиони евра. Повикот е отворен до 15 февруари. Во рамките на оваа ИПА Програма досега се реализирани 14 проекти во вкупна вредност од околу 6 милиони евра, дополни тој.
Според Милевски во напредна фаза е процесот на програмирање на ИПА 3 за подготовка на новите Програми за прекугранична соработка на Северна Македонија со Грција, Бугарија, Албанија, Косово, Србија и на Програмата Балкан-Медитеран. Со надлежните министерства од соседните земји веќе ги идентификуваме и стратешките проекти за наредниот програмски период. Делегацијата на ЕУ објави јавен повик за проекти “ЕУ за општините”, во вредност од 5 милиони евра. Националното кофинансирање на проектите ќе се реализира преку Министерството за локална самоуправа, за што веќе се планирани средства во Буџетот за наредната година.
- Годината ја завршуваме со нова Програма за локален развој и децентрализација 2021-2026 година. Во моментов се одвива широк консултативен процес во кој учествуваат претставници на надлежните министерства, институции и граѓанскиот сектор. Уште во претходниот мандат Владата искажа политичка подготвеност за продолжување на процесот на децентрализација и финансиско консолидирање на општините. Во новиот мандат одиме кон подобрување на финансиската стабилност и самостојност на општините со воведување на систем за воедначување, како поддршка на помалите и посиромашни општини и систем за перформанси или наградување на поуспешните, Подобрување на локалните административни услуги преку поголема дигитализација, подобрување на комуналните услуги преку поголемо инвестирање во комуналната инфраструктура и подобрување на функционалноста на јавните комунални претпријатија, подобрување на социјалните услуги преку редефинирање на блок дотациите. Попрецизно дефинирање и зајакнување на улогата на општините во одговорот на кризи. Имаме големо искуство од КОВИД кризата и решенија како може да се функционира на уште подобар начин. И она што е особено важно, подобрување на транспарентноста, отчетноста и поголема вклученост на граѓаните, затоа што локалната демократија е најважна за локалната самоуправа, потенцираше Милевски.