Ковачевски: Минимална плата 18.000 денари, ветено-исполнето

Минималната плата што ќе започне да се исплатува од месец април за 80.000 граѓани во нашата земја ќе биде во висина од најмалку 18.000 денари.

Ова е резултат од договорот што вечерва го постигна Владата со синдикатите и со работодавачите.

Со ова најново покачување на минималната плата, трето по ред во последните 4 години, 80.000 граѓани ќе бидат извлечени над прагот на сиромаштијата.

Постигнавме уште една важна согласност, истакна премиерот Ковачевски во својата изјава за медиумите по повод најновото зголемување на минималната плата, да ги промениме критериумите за методологијата за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот. Третиот критериум е новина, висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.

„Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, сума која е воедно и двојно покачување од минималната плата од онаа во 2016 година, стануваме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата. Очекуваме оваа мерка да влијае позитивно и на останатите плати во сите други индустрии, со што ќе се подобри стандардот на сите граѓани“, нагласи Ковачевски.

Владата продолжува со уште посилен интензитет да ја помага економијата и да создава услови за раст на платите и за извлекување на десетици илјади наши граѓани кои живеат под прагот на сиромаштијата. Државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од минималната плата од 15.200 денари која се исплаќа сега, до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари.

Ковачевски потсети дека Владата веќе обезбедува субвенции за околу 130.000 граѓани кои веќе земаат повисоки плати во своите фирми, преку покривање на придонесите - за таа намена издвојуваме 48 милиони евра годишно.

„Сите овие решенија се во интерес на заштита на семејниот буџет на секое семејство, заштита на стандардот и влог во битка со економската криза, како што се и преземените мерки за избегнување на ценовниот шок од поскапување на струјата на светскиот пазар, и решение и за кризата со парно греењето во Скопје“, потенцираше Ковачевски во својата изјава.

Премиерот Ковачевски во завршницата рече дека Владата ќе продолжи посветено да ги насочува парите за поддршка на стопанството и граѓаните за проекти кои значат економски раст и развој и зголемување на животниот стандард и квалитетот на живеењето.


Во продолжение на ова соопштение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Димитар Ковачевски за постигнатата согласност на Економскиот-социјален совет за покачување на минималната плата на 18.000 денари:

 „Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани,

Ви благодарам за вашето присуството вечерва,

Среќен сум и задоволен што можам да соопштам дека постигнавме договор и со Сојузот на синдикати и со работодавачите со кој 80.000 граѓани ќе се извлечат над прагот на сиромаштијата.

80.000 наши сограѓани, работници во различни индустрии, почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари. Оваа сума, означува раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно.

Зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари која на работниците ќе почне да им се исплаќа на почетокот на април, е мерка која во најголема мера ги опфаќа вработените во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата.

Оваа мерка е всушност продолжение, односно дополнителна поддршка за овие дејности кои беа помогнати и низ целата КОВИД-19 криза.

Постигнавме уште една важна согласност: Да ги промениме критериумите за методологијата за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот.

Третиот критериум е новина, висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика. 

Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, сума која е воедно и двојно покачување од минималната плата од онаа во 2016 година, стануваме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата.

Очекуваме оваа мерка да влијае позитивно и на останатите плати во сите други индустрии, со што ќе се подобри стандардот на сите граѓани.

Владата имаше и има слух за потребите и правата и на работниците и на работодавачите и преку широкиот социјално-економски дијалог, на кој инсистиравме како принцип на работа, успеавме да постигнеме договор на задоволство на сите засегнати страни. Ова е вистинскиот начин да дојдеме до одржливи решенија во интерес на работниците и работодавачите.

Со договорот, работодавачите ќе го покријат целокупното нето зголемување на платите за своите вработени кои се на минимална плата.

Државата пак, ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од сегашната минималната плата од 15.200 денари, до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари. Станува збор за удел од страна на државата во износ од околу 16 милиони евра до крајот на годината.

Ветивме и реализираме мерки кои директно го помагаат животниот стандард на граѓаните. Во исклучително кризна година, година на европски и светски кризи, остануваме фокусирани на поддршката на граѓаните.

Веќе обезбедуваме субвенции за околу 130.000 граѓани кои веќе земаат повисоки плати во своите фирми, преку покривање на придонесите - за таа намена издвојуваме 48 милиони евра годишно.

Потсетувам, не дозволивме радикалното поскапување на струјата на пазарот да падне на грбот на граѓаните. Денес 650.000 граѓани плаќаат речиси иста цена на струјата, а поскапувањето за 72% на струјата како обврска го презеде државата. Со тоа практично ги субвенционираме сметките на граѓаните во висина од 38 милиони евра.

Најдовме решение и за кризата со парно греењето во Скопје која исто така е последица на европската енергетска криза. Не дозволивме граѓаните да останат без затоплување и го преземавме управувањето со БЕГ.

Сите овие решенија се во интерес на заштита на семејниот буџет на секое семејство, заштита на стандардот и влог во битка со економската криза.

Новата Влада има огромни предизвици пред себе, но засега сум среќен дека добро и посветено ги менаџираме и така ќе продолжиме во иднина. Во ова време на финансиска несигурност, остануваме посветени максимално ефикасно да ги насочиме парите за поддршка на стопанството и граѓаните, но и одговорно да ги трошиме граѓанските пари во проекти кои значат економски раст и развој и зголемување на животниот стандард и квалитетот на живеењето. Тоа е одговорно владеење.

Ви благодарам.“