Во пресрет на новиот јавен повик за проекти од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Косово, денеска во Приштина се одржа заеднички состанок на министрите за локална самоуправа на Северна Македонија и на Косово, Горан Милевски и Елберт Красниќи и на градоначалниците од пограничните општини.
- Овој настан има за цел да ги информира градоначалниците од пограничните општини за јавниот повик од околу 3 милиони евра за проекти за прекугранична соработка од ИПА Програмата Северна Македонија-Косово, што ќе биде објавен до крајот на месецот, но и преку директна комуникација да поттикне соработка во различни области од што корист ќе имаат граѓаните и од двете земји, рече министерот Милевски.
Министрите за локална самоуправа, Горан Милевски и Елберт Красниќи, изразија убедување дека очекуваат голем број на партнерства меѓу општините од двете земји и квалитетни проекти со кои што во целост ќе се реализираат средствата од ИПА Програмата на Европската Унија.
Министерот Милевски со својот косовски колега Красниќи оствари и одвоена средба, на која што беше потврдена добрата соработка во актуелниот, втор ИПА програмски период, во кој што беа одобрени 14 заеднички проекти во вкупна вредност од 4,8 милиони евра, средства од Европската Унија. Дванаесет проекти се целосно реализирани а 2 се во фаза на имплементација. Реализиран е и еден стратешки проект, граничниот премин Белановце-Станчиќ, пракса која што, нагласија министрите, ќе продолжи и во ИПА 3 програмскиот период за кој што ќе бидат одобрени нови средства од ИПА Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија.