Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменикот амбасадор на Сојузна Република Германија, Ото Граф, директорот на ГИЗ во Република Северна Македонија Давид Оберхубер и директорот на MARRI, Сашко Коцев со своите поздравни обраќања ја отворија регионалната конференција: „Успешни заедно! Регионални увиди и пристапи за спречување и борба против трговијата со луѓе“ организирана во рамките на проектот на Германско друштво за интернационална соработка „Спречување и борба против трговијата со луѓе во Западен Балкан“.
„Трговијата со луѓе претставува сериозна повреда на човековите права и претставува закана за слободата и безбедноста на секое општество. Нашата држава како и земјите во регионот често играат улога во секоја од фазите на трговија со луѓе - како земја на потекло, транзит или дестинација. Би сакала да ги изразам искрените поздрави до земјите од регионот - да ја истакнам потребата од заедничка, обединета акција против трговијата со луѓе, која е транснационален организиран криминал“ рече Тренчевска.
Таа истакна дека Министерството за труд и социјална политика преку секторот за еднакви можности има улога на координатор на Националниот механизам за упатување на жртви на трговија со луѓе (НМУ) којшто претставува рамка за соработка и координиран пристап помеѓу социјалните служби, полицијата, трудовите инспектори и невладиниот сектор. Министерката исто така ги објасни и чекорите кои министерството ги презема со цел справување со овој предизвик.
„Воспоставивме 5 мобилни тимови во Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија и Тетово за идентификација на ранливи категории граѓани вклучително и жртви на трговија со луѓе. Во составот на мобилните тимови има претставници на Центрите за социјална работа, претставници на Министерството за внатрешни работи националната единица за борба против трговија со луѓе и здруженија на граѓани. Овие тимови во текот на нивната работа постигнаа извонредни резултати и се познати како добар пример, не само во нашата држава туку и во регионот“ истакна министерката.
Таа исто така се осврна и на статистиката од минатата година и посочи дека во 2022 година во Република Северна Македонија идентификувани се 9 жртви од кои 8 женски и 1 машко лице. Министерката рече дека најголем број од лицата се на возраст од 14 до 17 годишна возраст. Министерката информираше и за случаеви и за оваа година и рече дека во 2023 година, три девојчиња биле цел на сексуална експлоатација.
На крајот од своето обраќање министерката се заблагодари за поддршката на меѓународните организации, граѓанскиот сектор и на сите вклучени актери за нивниот активен придонес во борбата против трговијата со луѓе.