Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, денеска се сретна со амбасадорот на ОБСЕ, Килијан Вал, и заменик-шефот на Мисијата во Скопје, Енрика Вида.
На состанокот беше дискутирано за приоритетите на Стратешкиот план на кабинетот на заменик-претседателот Фетаи за 2025 година, со посебен фокус на борбата против корупцијата, конфискацијата на нечегално стекнатиот имот, зголемувањето на транспарентноста на институциите и за зајакнувањето на стратешкиот дијалог со Граѓанското општество.
Исто така, двете страни разговараа и за забрзување на процесот на европската интеграција на Северна Македонија и за политичките случувања во земјата и регионот.
„Експертизата и улогата на ОБСЕ се незаменливи за зајакнување на демократијата, зачувување на безбедноста и исполнување на меѓународните стандарди“, истакна Фетаи.
Тој му се заблагодари на амбасадорот Вал за континуираната поддршка на ОБСЕ за Северна Македонија, изразувајќи подготвеност за продлабочување на соработката во спроведувањето на приоритетите на кабинетот, кои кореспондираат со новата стратегија на мисијата на ОБСЕ.
„Напред, заедно, кон поправедна и побезбедна иднина“, се заложи Фетаи.