Добар ден и од мене. Навистина ми претставува чест и задоволство што сум денес овде со жителите во Кисела Вода, во ова населено место, и нормално дека секогаш кога се гради, кога се создава, неминовно е чувството на радост и среќа.
Немам јас што да додадам од тоа што претходните говорници го кажаа и во делот на техничките карактеристики на проектот, буџетот, начинот на функционирање на оваа влада, освен тоа да му честитам на градоначалникот, на советниците, на администрацијата.
Да се заблагодарам на моите колеги од владата, на потпретседателот на владата и министер за животна средина, на министерот за локална самоуправа, заменикот којшто исто така е тука, на пратениците коишто доаѓаат од овој регион за нивната борба, за нивната желба да се направи проект повеќе. И само можам така да им посакам да продолжат во периодот којшто следи.
Потпретседателот и министер за животна средина кажа дека 350 милиони евра веќе се во оптек. Но јас би додал тука дека на негова иницијатива и на негово залагање проекти коишто во минатото беа закочени од страна на поранешните министри во министерството за локална самоуправа сега се откочени.
И тука станува збор за дополнителни 100тина милиони евра, коишто ќе бидат распределени по општините преку министерството за животна средина. Така што веќе доаѓаме до една бројка од половина милијарда евра, нешто што е историски значајно. Нешто што до сега било невозможно, а сега се случува.
Така што еве нека им е со среќа и на мештаните, за неколку месеци од денес, ова место ќе биде навистина убаво, пристојно место за ноќни прошетки, за дневни прошетки, дружење итн.