Стоилковиќ се сретна со српскиот премиер Вучевиќ

Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ денеска оствари средба со претседателот на Владата на Република Србија, Милош Вучевиќ. Двајцата соговорници зборуваа за понатамошните чекори, но и можностите за дополнителна помош по трагичниот настан во Кочани во кој животот го загубија 59 лица. 

Стоилковиќ воедно му се заблагодари на српскиот премиер Вучевиќ за подадената рака и несебичната поддршка што Србија во согласност со своите можности ѝ ја дава на нашата земја во овие тешки моменти.

„Солидарноста што ја покажува Србија по трагедијата во Кочани е за почит и навистина бескрајно сме благодарни за подадената рака. Благодарни сме што, како и останатите наши соседи, ги ставија на располагање сите свои, пред сѐ, медицински капацитети“, рече по средбата потпретседателот и министер Стоилковиќ, воедно уште еднаш изразувајќи длабоко сочувство до семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани.

„Моите мисли и понатаму се со сите оние кои ги загубија своите најблиски и со оние кои се борат за своите животи. Сочувство до семејствата на загинатите, молитва за закрепнување на повредените и надежи дека сложно ќе ги ублажиме последиците од оваа трагедија од невидени размери“, истакна Стоилковиќ.