По официјалното потпишување на Меморандумот за соработка, делегациите на Министерството за јавна администрација на Република Македонија и Министерството за јавна администрација на Црна Гора одржаа работен состанок во Подгорица.
На состанокот беше нагласено цврстото пријателство, како и силните политички и дипломатски односи меѓу двете земји, со заедничка заложба за унапредување на регионалната соработка и европската перспектива на целиот Западен Балкан.
Министрите и членовите на двете делегации имаа можност да ги презентираат клучните цели на потпишаниот Меморандум, особено во контекст на реформата на јавната администрација, транспарентноста и професионализацијата на службите.
Во рамки на состанокот беа разменети мислења за заедничките предизвици и можностите во областа на јавната администрација, каде што и двете страни се согласија дека преку зајакната билатерална соработка можат поефикасно да одговорат на очекувањата на граѓаните и да ги забрзаат реформските процеси.
Дополнително беше истакната подготвеноста за продлабочување на соработката преку планирање и имплементација на заеднички активности, како и преку размена на експертски искуства и заедничко аплицирање за поддршка од меѓународни и европски фондови.
Овој работен состанок претставува нов импулс во градењето на стабилни, современи и ефикасни јавни администрации кои ќе бидат во функција на граѓаните и интеграцијата во Европската Унија.