Почитувани граѓани,
Почитувани медиуми,
Благодарам за присуството.
Денес сакам да информирам за конкретни и видливи активности коишто ги презема Владата и ги спроведува во Кочани се со цел подобрување на условите за здравствена грижа и подигнување на стандардите за згрижување и рехабилитација на пациентите.
Во моментов се одвива реконструкција на просторот на физикална медицина во Кочанската болница, со вкупна површина од 350 квадратни метри. Рокот за завршување на работите е предвиден во наредните три до четири недели.
Сакам да ве информирам за тоа како оди текот на реконструкцијата. Работите започнаа со поставување на нови прозорци, целосно нова електрична инсталација и нова водоводна и канализациона мрежа.
Реконструкцијата ќе продолжува со:
Хидроизолација на објектот, поставување на комплетно нова вертикала на водоводната и канализационата мрежа која ги поврзува и горните оддели над физикална медицина – конкретно хирургија, гинекологија и неврологија, порамнување и обновување на подот и поставување на нови врати.
Особено важно што цениме како Влада дека е потребно да се нагласи е дека по долги години се оспособува хидрантската мрежа која беше целосно нефункционална, и во тек е поставување на нов противпожарен систем, неопходен елемент за безбедноста на пациентите и медицинскиот персонал.
Ова не е само реконструкција – ова е јасен сигнал дека Кочани добива системска грижа.
Дополнително дозволете ми да информирам и за тековните подобрувања во Пониква, за што подоцна повеќе ќе зборува доктор Катерина.
Исто така таму се преземаат сериозни чекори за подобрување на условите во одморалиштето кое веќе, морам да најавам од утре ќе ги прими и пациентите.
Министерството за спорт целосно ги опреми двете игралишта за рекреација.
Поставени се комарници, кои се од суштинско значење за заштита на пациентите во оваа фаза.
Спроведена е и комплетна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, вклучително и на шахтите околу објектот, во соработка со Центарот за јавно здравје Кочани.
За разлика од времето кога институциите беа оставени сами на себе, без основни средства и без визија, денес имаме како Влада системски пристап, вложуваме во инфраструктурата, во безбедноста и во достапноста на здравствениот систем.
Кочани е наш приоритет и ќе продолжи да биде. Граѓаните имаат право на современи услови, а институциите имаат обврска истите да ги обезбедат. И ова што денес го гледаме е уште една потврда за нашата посветеност на Кочани.
Ви благодарам