Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната редовна прес-конференција информираше дека од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби испишани се тројца пациенти, со два контролни негативни бриса, кои се во сосем добра состојба и заминуваат дома.
„Во изминатите 24 часа има 46 нови случаи, по градови: во Скопје - 13, Куманово - 23, Дебар - 2, Тетово - 2, Велес - 2, Гевгелија - 2, Гостивар - 1 и во Прилеп - 1. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја изнесува 430. Според местото на живеење, случаи имаме во: Скопје, Куманово, Дебар, Штип, Прилеп, Тетово, Струга, Велес, Битола, Охрид, Кавадарци, Гостивар, Гевгелија, Струмица, Крива Паланка и во Кочани. Овие 46 позитивни се утврдени по направени вкупно 389 теста. Досега во нашата земја се направени 4.506 тестирања на КОВИД-19 вирусот“, рече министерот Филипче.
Тој додаде дека на Инфективната клиника има еден медицински техничар, што е позитивен на коронавирусот и има клиничка слика на воспаление на белите дробови.
„Направена е семејна и епидемиолошка анкета меѓу вработените и согласно тоа, ќе се постапи за да се организира делот на работата во одделението каде што работел, во рамки на Клиниката. Сега детално се разговара и со сопругата за да се анализираат и евентуални дополнителни приватни контакти, како и првични контакти од епидемиолошката анкета“, истакна министерот за здравство.
Тој информираше дека починале двајца пациенти, едниот, на 68-годишна возраст со тешка форма и претходни болести, кој се лекувал на клиниката од 29-ти март и пациент од Куманово, на возраст од 70 години, кај кого се уште се очекува тестот, а кој бил со тешка форма на воспаление на белите дробови. Овој пациент, од кумановската болница бил препратен на Клиниката за пулмологија и понатаму на Клиниката за инфективни болести.
Во овој момент на Клиниката се хоспитализирани 67 пациенти од кои 10 имаат тешка форма на манифестација на болеста, другите пациенти се со лесна, односно средна форма на клиничка слика.
„Во кумановската болница има 11 потврдени случаи позитивни на коронавирусот. Оваа бројка во овој момент ја компромитира работата на Инфективното одделение, затоа што и претходно имаше дијагностицирани. Поради тоа упатени се двајца доктори од денеска, еден доктор од Скопје и еден од болницата во Штип, коишто ќе ја организираат и одржуваат работата на ова исклучително важно Одделение во овој момент во тој регион. Се уште траат епидемиолошките анкети заради тоа што се работи за повеќе позитивни лица и од Рендген дијагностика и во делот на општите лекари коишто ја покриваат дежурната служба и врз основа на тие епидемиолошки анкети, а согласно тоа колку лица ќе бидат во самоизолација ќе се реорганизира и останатиот дел од болницата, односно другите одделенија“, потенцираше министерот Филипче.
Согласно податоците за новодијагностицирани случаи во Куманово, денеска Владата дискутираше и донесе одлука за продолжување на полицискиот час, којшто ќе трае сега за викенд, од вечерва во 21:00 часот до понеделник, до 05:00 часот наутро. Целосно ќе биде ограничено движењето за време на викенд, а во работните денови почнувајќи од понеделник ќе биде како за време на викендот досега, односно од 16:00 часот до 05:00 часот следниот ден. Ова беше дискутирано на вториот состанок на Комисијата за заразни болести по утринскиот и попладневниот состанок, откако излегоа резултатите.
Министерството за здравство информира дека пациентот од Куманово кој доцна синоќа почина на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје бил заболен од коронавирус.
За овој пациент, Министерството за здравство информираше денеска во редовното соопштение за дневната состојба со ново дијагностицирани, починати и оздравени пациенти, со напомена дека за него се чекаат резултатите од тестирањето на Ковид-19. Неговиот резултат позитивен на Ковид-19 пристигна попладнево, а овој случај на позитивен и починат пациент, во статистиката на ИЈЗ ќе биде евидентиран во утрешниот извештај.
Пациентот беше донесен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје со тешко дишење и ниска сатурација, а од коморбидитети имал хипертензија и срцева слабост.