Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам во просториите на Владата на Република Северна Македонија, одржа донаторска конференција на која присуствуваа претставници од меѓународните организации и дипломатските претставништва.
На конференцијата Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски, заедно со своите заменици Џеладин Ајвази и Златко Арсов изразија голема благодарност до присутните за досегашната соработка и континуираната поддршка што ја даваат на Комитетот.
Националниот координатор истакна дека поддршката на донаторите во борбата против тероризмот е особено значајна посебно во делот на јакнење на капацитетите на институциите.
На конференцијата беа презентирани реализираните и тековните проекти кои ги спроведуваат во нашата држава и беа разменети искуства и добри практики кои можат да послужат во справувањето со предизвиците во оваа област.
Присутните констатираа дека досегашната успешна соработка треба да продолжи бидејќи тоа е еден од основите услови за целосна имплементација на стратешките приоритети на Република Северна Македонија за спречување на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот.