Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Никола Селаковиќ, министер за надворешни работи на Република Србија.
На состанокот се потврдени пријателските односи помеѓу двете држави и двата народа и е констатирано интензивирање на соработката, посебно на економски план во последниве две години.
Изразена е определба од двете страни за напредување и на Северна Македонија и на Србија во процесот на евроинтеграциите.
Премиерот Ковачевски соопшти дека тој и Владата на Република Северна Македонија се фокусирани на економскиот развој на државава, на успешно надминување на актуелните предизвици, како што е енергетската ситуација и истовремено се работи на исчекорот во делот на евроинтеграциите.
„Веруваме во целите и работиме да се остварат, преку принципиелни и достоинствени политики и работа на потребните реформи на домашен план, како што се реформите во правосудството, коишто се во значаен дел усогласени со европското законодавство“, рече премиерот Ковачевски.
На состанокот е заеднички оценето дека иницијативата Отворен Балкан е придонес во регионалната соработка на државите, преку имплементацијата на европски вредности во регионот, а придонесува кон продлабочување на соработката, со отворање можности за поголема регионална конкурентност на европскиот пазар и на други светски пазари и во делот на привлекувањето странски инвеститори.
Значењето на добрососедските односи е посебно нагласено и како важно во сочувување на стабилноста и мирот во регионот и во Европа.
На средбата е разговарано и за актуелната ситуација во Украина, при што е пренесен ставот на Република Северна Македонија, како членка на НАТО, за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
На состанокот е пренесена покана од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, до премиерот Димитар Ковачевски, за посета на Белград.
Премиерот Ковачевски, се заблагодари за пријателската соработка и помош од Република Србија за време на пандемијата и оцени дека споделената посветеност кон унапредувањето на односите меѓу двете држави е важна за граѓаните на двете земји.