Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Македонија стана дел од европскиот платежен систем СЕПА и најновите бројки од статистика за индустриското производство, изјави:
“Да, сакам исто така да ова го потенцирам дека конечно како држава влеговме во, како би се нарекла таа, европската евро платежна зона. Што значи тоа, тоа значи дека нашата дијаспора којашто има банка, којашто има сметка во една од банките во Европската Унија, кога ќе префрли дотација овде кај нас на некое физичко лице коешто има своја сметка во некоја од комерцијалните банки, тоа веднаш ќе биде направено, без да се чека со денови и без дополнителни трошоци. И без дополнителни проценти, трошоци. Ако имаме предвид дека тие дотации на годишно ниво се можеби повеќе од една милијарда, сметајте дека граѓаните ќе заштедуваат меѓу 50 и 60 милиона евра. 50 и 60 милиона евра, тоа е онолку, колку што преку данокот на луксуз или како и го нарекоа СДСМ, го земаа од граѓаните, а сега треба ние како Влада да го плаќаме, како резултат на одлуката на Уставниот суд. Годишно толку ќе заштедуваат граѓаните и веднаш парите ќе ги гледаат на својата сметка, нема да чекаат како до сега, со денови. Тоа го направи оваа Влада. Тимот којшто беше вклучен, јас им честитам на сето ова. Исто така би сакал да ја истакнам и улогата на Народната банка и сето ова финишираше со еден успешен процес, којшто претходната Влада воопшто не го имаше во својот периметар за одлучување. Ние еве за период од осум месеци успеавме, со што уште еднашка покажуваме. Јасно кажуваме и на Европа и на светот дека нашата втора стратешка цел, покрај членството во НАТO е и членството во Европската Унија, со тоа што активно ги испорачуваме резултатите. Нешто што во минатото беше невозможно.
Што се однесува до индикаторите, можам исто така да го изразам своето задоволство. Бидејќи еве после шест месеци, ние успеавме да дојдеме до состојба нула. Кога велам до состојба нула, нашата стратегија беше во три чекора. Прво, слободното паѓање, коешто беше јасно. Граѓаните тоа го чувствуваа, да го сопреме. А потоа да дојдеме до состојба нула. Тоа беше втората фаза. А веќе од состојба нула, да почнеме да се креваме нагоре.
Некои велеа дека за да дојдеме до состојба нула, можеби ќе треба година до година ипол. Јас сум навистина задоволен дека и после шест месеци, ние доаѓаме до позиција да кажеме дека конечно индустриското производство порасна овој месец јануари за 1,4%. Што е добро и тоа со фокус на преработувачката индустрија. Сеуште имаме тука кај рударството и кај автомобилската индустрија опаѓање, поради намалените нарачки во Германија, поради кризата во автомобилската индустрија. И во делот на снабдувањето со електрична енергија и климатизација. Мислам дека во следните месеци и тука ќе се подобриме, бидејќи состојбата во ЕСМ е веќе консолидирана.
Но сето останато, вклучително и интермедијарните производи, во сѐ има раст. Така што овие 1,4% раст на индустриското производство охрабруваат. Охрабрува опаѓањето на невработеноста и растот на вработеноста. Тоа значи дека бројот на вработени се зголемува што значи тие што додаваат вредност и се трудо-интензивни, се зголемува. Но исто така морам да напоменам уште една работа, дека за 5% е зголемен извозот во јануари месец. Нешто што не е забележано од јуни месец 2023 година. Извозот е за 5% зголемен. Или ако првиот месец од првиот квартал ги има овие перформанси, јас очекувам во првиот квартал трендот на растот на Бруто домашниот производ, да продолжи. И не би се изненадил ако во овој прв квартал дојдеме 4 до 4,5 па и повеќе проценти. Така што еве можам со задоволство да кажам дека таа наша цел да дојдеме до состојба нула како Влада, веќе дојдовме. Да следиме, не треба да се опуштиме, треба да продолжиме и во месеците коишто следат. Да ги анализираме бројките и да продолжиме да работиме за доброто на граѓаните.“